Властите во американската сојузна држава Тенеси ги одложија сите планирани егзекуции откако вчера не успеа извршувањето на смртната казна врз Криста Гел Пајк, осудена за убиство извршено во 1995 година.
Според нејзините адвокати, на 50-годишната Пајк ѝ биле дадени две дози пентобарбитал, но таа останала жива. По примањето на инјекциите, според адвокатите, се слушало како силно ‘рчи, по што со амбулантно возило била пренесена во болница. Тие соопштија дека сè уште немаат информации за нејзината здравствена состојба, пренесе „Гардијан“.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, нареди надворешна истрага за да се утврдат околностите под кои дошло до неуспешното извршување на смртната казна. Тој потврди дека сите други егзекуции планирани во државата до крајот на годината ќе бидат одложени.
– Извршувањето на законски изречена пресуда е една од најсериозните одговорности на државата – изјави Ли, додавајќи дека јавноста очекува егзекуциите да се спроведуваат на законски, уставен и ефикасен начин.
Ова е втор неуспешен обид за егзекуција во Тенеси годинава. Во мај, егзекуцијата на Тони Карутерс, осуден за киднапирање и убиство на три лица, беше прекината откако службениците повеќе од еден час не успеале да постават интравенска линија за аплицирање на пентобарбиталот.
Според протоколот за егзекуции во Тенеси, доколку затвореникот не почине по првата доза, се применува втора. Сепак, правилникот не прецизира што треба да се преземе доколку осуденикот остане жив и по втората доза.
Од Затворската служба на Тенеси соопштија дека биле следени сите чекори предвидени со законскиот протокол за извршување на смртната казна, одобрен од канцеларијата на главниот обвинител.
Адвокатите на Пајк поднесоа итни барања до повеќе судови за егзекуцијата да биде запрена и поништена. Тие тврдат дека нивната клиентка претрпела „непотребна агонија“ и дека со постапката било повредено нејзиното уставно право да не биде подложена на суров и невообичаен третман.
Пајк е осудена на смрт за убиство што го извршила на 18-годишна возраст. Таа требаше да биде првата жена егзекутирана во Тенеси по повеќе од два века.
Апелацискиот суд во Тенеси ја запрел егзекуцијата само еден час пред нејзиниот почеток, но неколку часа подоцна Врховниот суд на САД ја укинал таа одлука.
Пајк и нејзиното момче беа осудени за убиството на 19-годишната Колин Слемер во Ноксвил во 1995 година. Жртвата била избодена и претепана. Случајот во тоа време привлече големо внимание поради пентаграмот издлабен на телото на Слемер и други околности што биле поврзувани со наводни сатанистички ритуали.
Случајот повторно ја отвори дебатата во САД за примената на смртната казна врз лица кои биле малолетни или многу млади во времето на извршувањето на делото. Пајк не го негира убиството, но нејзините поддржувачи и адвокати укажуваат на нејзината возраст во времето на делото, историјата на сексуално злоставување и нејзината ментална состојба.
Адвокатите дополнително тврдат дека смртната казна на Пајк е невообичаена бидејќи, според нив, смртните казни на другите осуденици во Тенеси кои имале 18 години во времето на извршувањето на делото биле поништени.
Егзекуцијата на Пајк требаше да биде 30-та извршена во САД годинава, откако во вторникот беше извршена смртна казна врз осуденик во Флорида.

































