Делегација на Собранието, составена од заменик-шефот на Делегацијата, Иванка Василевска, и членката Бисера Костадиновска-Стојчевска, учествува на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која од 28 септември до 2 октомври се одржува во Стразбур, пренесе МИА.
Како што информираат од собраниската прес-служба, двете пратенички во своите обраќања се осврнаа на актуелните европски дебати за независноста и плурализмот на медиумите, влијанието на вештачката интелигенција, демографската обнова, како и на изборните процеси и политичките предизвици во Европа.
Во дебатата за растечките закани врз медиумскиот плурализам и независноста на медиумите, Василевска истакна дека граѓаните можат целосно да учествуваат во демократскиот живот само доколку имаат пристап до сигурни и разновидни информации.
Според неа, законската рамка за слободата на изразување и медиумите треба да биде проследена со поголема транспарентност во однос на сопственоста и финансирањето на медиумите, независен јавен сервис и јасни правила за распределба на јавните средства.
Василевска оцени дека одржливото новинарство подразбира и заштита на новинарите од закани и притисоци, но и развој на медиумската писменост и независни институции, особено во услови на ширење дезинформации и брзи промени во дигиталната средина.
-Медиумскиот плурализам не е привилегија на медиумските организации. Тоа е право на граѓаните и основа на демократската отчетност – порача Василевска.
На истата тема се обрати и Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека пристапот до разновидни и веродостојни информации е предуслов за учество на граѓаните во демократските процеси.
Таа посочи дека транспарентното прикажување на сопственоста на медиумите и независноста на јавниот сервис се значајни за создавање слободно и информирано општество. Предупреди и дека намалувањето на бројот на локални медиуми, како и ширењето лажни и неточни содржини на дигиталните платформи, го отежнуваат пристапот до квалитетни информации.
Критики за изборниот процес во Русија
Во дебатата за изборите во Русија и, како што беше наведено, нејзините дестабилизирачки активности кон Европа, Костадиновска-Стојчевска оцени дека парламентарните избори во Русија се одржале во ограничена политичка средина.
Таа посочи дека немало набљудувачи на ОБСЕ, додека просторот за опозициските партии и независното следење на изборниот процес бил ограничен.
-Веродостојноста на изборите зависи и од тоа дали граѓаните можат слободно да избираат и дали процесот е транспарентен и подложен на независно набљудување – изјави Костадиновска-Стојчевска.
Вештачката интелигенција и иднината на работата
Двете пратенички учествуваа и во дебатата за улогата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во процената на влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на работата.
Василевска рече дека дигиталната трансформација ги менува јавните услуги, економијата и пазарот на труд, а како следен чекор за Северна Македонија го посочи поврзувањето на постојните дигитални системи во функционална целина. Според неа, тоа би придонело за полесен пристап до услугите и поголема отчетност на институциите.
Таа нагласи дека подготовката за промените бара развој на дигитални и аналитички вештини, приспособливост и доживотно учење.
Костадиновска-Стојчевска оцени дека вештачката интелигенција отвора можности за поголема продуктивност и создавање нови работни места, но истовремено отвора и прашања поврзани со нееднаквоста, вработувањето и правата на работниците.
Таа нагласи дека технологијата треба да се користи транспарентно и одговорно, додека образованието и преквалификацијата треба да им помогнат на работниците да се приспособат на промените.
Поддршка за младите семејства и демографската обнова
Во дебатата за политичките препораки за демографска обнова во Европа, Василевска истакна дека се потребни достапни услуги за згрижување деца, квалитетна здравствена заштита и поддршка за младите семејства.
Според неа, родителството треба да биде вистински избор, а не одлука ограничена од неизвесност или недостиг на соодветни услуги.
Костадиновска-Стојчевска, пак, во дебатата за набљудувањето на предвремените избори во Косово оцени дека е потребен политички договор за надминување на институционалниот застој. Таа предупреди дека отсуството на консензус може да доведе до нови избори и дополнително продлабочување на кризата, а посочи и на малото учество на жените во телевизиските дебати.
Прашања до европски и германски претставници
Василевска постави прашања до германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и до претседателот на Португалија, Антонио Жозе Мартинш Сегуро.
Од Вадефул побара да објасни како резултатите од неодамнешните федерални избори ќе влијаат врз надворешната политика на Германија, особено во однос на нејзиниот пристап кон европската интеграција на Западен Балкан.
Во обраќањето до португалскиот претседател, Василевска праша како Португалија планира да го зајакне своето дипломатско присуство во регионот и како земјите од Јужна Европа можат да придонесат во тие напори.
Костадиновска-Стојчевска, пак, го праша претседателот на Европскиот суд за човекови права, Матијас Гијом, за мерките што се преземаат кон државите кои не ги спроведуваат пресудите на Судот.
Таа го праша и германскиот министер Вадефул за неговата средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и за тоа како Германија може да придонесе за завршување на војната.
Прашање упати и до претседавачката со Комитетот на министри на Советот на Европа, Изабел Брос-Амадаи, во врска со реформскиот процес во организацијата.
ПССЕ повика на нова конвенција за животната средина и ратификација на договорот за вештачка интелигенција
Сесијата ја отвори претседателката на ПССЕ, Петра Бајр, која повика подготовката на обврзувачка конвенција на Советот на Европа за правото на безбедна, здрава и одржлива животна средина да започне уште оваа есен.
Бајр ги повика и европските парламенти побрзо да го ратификуваат договорот на Советот на Европа за вештачката интелигенција и човековите права, кој е прв обврзувачки договор од ваков вид во светот.
На денот на отворањето, ПССЕ по 14-ти пат ја додели Наградата „Вацлав Хавел“ за човекови права. Лауреатка за 2026 година е иранската адвокатка и бранителка на човековите права Насрин Сотуде, која застапувала активисти, новинари, припадници на малцинствата и деца на кои им се заканувала смртна казна.
Бидејќи Сотуде не можела лично да присуствува, наградата ја прими нејзината ќерка Мехравех Кандан Херис.
Признанието, кое ПССЕ го доделува во партнерство со Фондацијата „Харта 77“, ги наградува исклучителните напори на граѓанското општество за заштита на човековите права во Европа и пошироко.
На пратениците им се обрати и принцот Албер II од Монако.
































