Фото: МИнистерство за финасии

Дирекцијата за големи даночни обврзници, која е основана пред 20 години како значајна реформа во даночната администрација, денес има важна улога во даночниот систем на државата. Компаниите опфатени со Дирекцијата учествуваат со над 40 отсто во вкупно остварените даночни приходи, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на одбележувањето на 20-годишнината од нејзиното основање.

Според министерката, воспоставувањето на Дирекцијата пред две децении претставувало значајна реформа во Управата за јавни приходи, која донела придобивки и за институцијата и за компаниите што ги користат нејзините услуги.

 – Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата – инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот – истакна Димитриеска-Кочоска.

Таа посочи дека начинот на функционирање на Дирекцијата е значаен не само за Управата за јавни приходи, туку и за целокупната економија. Нејзината улога е да обезбеди ефикасна и навремена наплата на јавните приходи и доследна примена на даночните правила, но истовремено и професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување за компаниите.

 – Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење. Создавањето услови за реализација на приватните инвестиции е од особено значење за постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст – рече министерката.

Јубилејот од две децении, како што беше истакнато на настанот, е можност да се направи пресек на досегашните резултати, но и да се утврдат насоките за натамошно унапредување на даночниот систем. Промените во деловното опкружување, особено забрзаниот технолошки развој, наметнуваат потреба и институциите да обезбедуваат современи, дигитални и поефикасни услуги.

Во тој контекст, министерката го посочи проектот „Е-фактура“, кој започна да се спроведува во Управата за јавни приходи и е дел од процесот на дигитална трансформација на јавните финансии.

 – Проектот ќе придонесе за поедноставување и забрзување на процесите, намалување на административниот товар и поголема сигурност, следливост и ефикасност во работењето – нагласи Димитриеска-Кочоска.

Таа се осврна и на обезбедените средства од унгарската Експорт-импорт банка, кои се пласираат во македонската економија под поволни услови. Според неа, овие средства придонеле компаниите да влезат во значаен инвестициски циклус, со вкупна вредност од близу 300 милиони евра.

Министерството за финансии, како што посочи министерката, продолжува и со унапредување на даночната регулатива и нејзино усогласување со меѓународните и европските даночни стандарди.

Во таа насока го наведе и усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, како чекор кон усогласување на домашното законодавство со современите меѓународни даночни правила. Паралелно, Министерството работи и на измени и дополнувања на Законот за даночна постапка, со кои се предвидува воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар, туку создавање поефикасни и посовремени институции што ќе бидат во функција и на граѓаните и на бизнисот.

Министерката порача дека останува концептот на рамен данок, кој, според неа, обезбедува предвидливост за компаниите и стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот.

 – Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот – порача Димитриеска-Кочоска.