Фото: Пиксабеј

Владата на САД ги предупредила Германија и Франција итно да ги ослободат резервите на дизел со цел да помогнат во намалувањето на глобалните цени на горивата или да се соочат со можна забрана на САД за извоз на овој дериват, изјавиле тројца американски функционери за „Ројтерс“.

Предупредувањето претставува дополнително засилување на притисокот врз европските земји од страна на администрацијата на Доналд Трамп, која разгледува можност за забрана на извозот на дизел со цел да се намалат цените на горивата на американскиот пазар.

Притисокот доаѓа нешто повеќе од еден месец пред среднорочните избори во САД, на кои републиканците би можеле да се соочат со губење на мнозинството во двата дома на Конгресот.

Според американски функционери, Вашингтон е особено незадоволен од Германија и Франција, бидејќи смета дека двете земји не ги исполниле во целост претходно преземените обврски за ослободување на резервите на сурова нафта и нафтени деривати наменети за итни ситуации.

-Во најдобар интерес на Европа е да соработува со САД додека бараме начини за зголемување на снабдувањето со нафтени производи и намалување на трошоците за потрошувачите – изјавил еден од изворите за „Ројтерс“.

Друг извор на агенцијата, запознаен со разговорите и со седиште во европска престолнина, изјавил дека САД побарале од Европската Унија да ослободи 120 милиони барели дизел во текот на следните шест месеци.

Европа во меѓувреме станува сè позависна од американското гориво, откако воведе забрана за увоз на руски нафтени производи поради руската инвазија на Украина, а прекините во испораките од Блискиот Исток дополнително го зголемија притисокот врз снабдувањето.