Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче денеска, на прес-конференција во законодавниот дом, ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат предложеното зголемување на минималната плата на 600 евра и субвенционирањето на придонесите за приватните компании за делот што се однесува на зголемувањето.

– Апелирам да го поддржат законот и минималната плата да се покачи на 600 евра. Направени се пресметки и му укажавме уште на минатата прес-конференција од каде може да ги најдат парите: нека скратат од луксузот, патувањата, мебелот и автомобилите, па пари во буџетот ќе се најдат. Исто така, нека ги поддржат компаниите со субвенционирање на придонесите, за тоа зголемување на платите да не им биде товар на приватните компании и на сопствениците – рече Филипче.

Посочи дека денеска има состанок на комисиите за финансирање и буџет и за економија и труд. Повика пратениците да го поддржат и законот за финансиска поддршка во земјоделството кога, како што рече, ќе дојде на ред за две недели. Според него, земјоделците се соочуваат со ниски откупни цени и зголемени производствени трошоци.

Филипче ја критикуваше економската политика на Владата, изнесувајќи оценки за буџетскиот дефицит, задолжувањето и состојбата во пензискиот фонд.

– Во оваа криза со цени на горивата над 100 денари, којашто којзнае уште колку време ќе трае, и со вака поскапени производи, ние имаме прехранбени производи и артикли од основната потрошувачка кошничка поскапи од оние во Германија, а имаме најнизок стандард и во регионот и во Европа. Граѓаните не можат да врзат крај со крај. Нема никаква мерка, никаков пакет-мерки во изминатиот период. Нашата влада даде две милијарди евра помош за граѓаните за време на Ковид-кризата и финансиската криза кога започна војната во Украина. Две милијарди евра се поделија за социјални случаи, за пензионери, за студенти, за поддршка на компаниите, за плати и за поддршка на сметките за струја,  и сето тоа го почувствуваа граѓаните – посочи Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече дека СДСМ нема да ги поддржи законите со кои се намалуваат критериумите за именување раководни кадри при усогласувањето со Законот за влада.

– Прават усогласувања со новиот Закон за влада и со критериумите коишто ги воведуваат и ги менуваат со една единствена цел: партиски кадри коишто не исполнуваат никакви услови да можат да ги постават за директори. Нема никаква друга позадина и причина за менување на тие закони… Таков беше примерот со директорот на Фондот за здравствено осигурување, не постоеше систематизација за професор по физичко воспитание да води Фонд за здравствено осигурување. Првата работа што ја направи беше тоа што го скрати боледувањето од седум на пет дена. Не случајно конците после хируршка интервенција се вадат на седмиот ден, ама на кого да му кажеш – рече Филипче.

За Изборниот законик изјави дека партијата ќе поддржи измени што се исклучиво по препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но не и предлози за електронско гласање на дијаспората, гласање по пошта и поинакво бележење на гласачкото ливче. На прашањето зошто СДСМ не учествува во работната група, рече дека забелешките на партијата веќе биле изнесени.

Прашан за односите со Бугарија и Грција и за изјавите поврзани со моштите на цар Самоил, Филипче рече дека историјата треба да им се препушти на историчарите, а политичарите да зборуваат за иднината. Притоа ја критикуваше владината политика кон европската интеграција и го повика премиерот Христијан Мицкоски да размисли што ќе ѝ каже на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при најавената посета.

Во врска со ставовите на членови на таканаречената „Платформа“ во СДСМ за уставните измени, Филипче ги критикуваше поранешните партиски функционери кои јавно настапиле со поинаква позиција. Рече дека партијата во изминатите две години работела на консолидација и ги повика, доколку сакаат да помогнат, да се вклучат во партиските активности.

На прашање за реакциите на граѓаните во Општина Центар на иницијатива за која не беа наведени дополнителни детали, Филипче најави брифинг со градоначалникот во следните денови, на кој, како што рече, ќе биде соопштен официјалниот став, пренесува МИА.