Кога ќе се тргне настрана бриселскиот бирократски речник, на маса се наоѓаат најмалку шест крупни промени:
· поширока употреба на квалификувано мнозинство наместо едногласност во определени политики;
· употреба на пасерел-клаузулите (премостувачки клаузули) без целосна ревизија на основачките договори;
· преодни ограничувања на одредени гласачки права на идните членки;
· посилни механизми за санкционирање на назадувањето во владеењето на правото;
· можно условување или суспендирање на европските средства;
· намалување на бројот на комесари и враќање кон принципот на ротација
Од разговорот со повеќе аналитичари, експерти за ЕУ, но и универзитетски професори од Правниот факултет, реформата на ЕУ ја читаат како ново прераспределување на моќта кон европските институции, и тоа „помалку национално вето, посилни наднационални механизми, поголемо условување на средствата со владеењето на правото и послаб принцип на национална застапеност во Комисијата“. Од таа перспектива, може да се зборува за нова, поинтегрирана и поусловена верзија на европскиот либерален институционален модел.
Спротивно на ова, самите европски институции, во низа документи, реформите ги претставуваат малку поинаку, односно како обид ЕУ да стане способна да функционира со повеќе членки, да го заштити буџетот и да спречи идни влади да ги поткопаат заедничките правила. Според тие документи, „официјалната стратегија на Европската комисија јасно ги става демократијата, владеењето на правото и фундаменталните права во центарот на процесот на проширување“.
– Би било погрешно да се игнорира реалната последица на предлозите за реформи. Ако се воведат, односот меѓу националните влади и наднационалните институции во Унијата ќе се промени, во полза на европските наднационални институции – тврдат нашите соговорници.
Македонија во процесот на европското преструктурирање
За Македонија оваа дебата има директно значење. Земјата останува кандидат за членство, а Европската комисија во својот систем за владеење на правото веќе ја следи заедно со другите земји кандидатки. Но токму македонскиот случај покажува колку е важна разликата меѓу формалното право на членство и политичката способност на членките да го блокираат процесот пред членството. Денешниот систем дозволува билатералните прашања да се претворат во пречки во пристапниот процес.
– Како да ја сфатиме политиката на два колосека на Европската комисија?! Марта Кос во Европскиот парламент во март 2026 година јавно рече дека проширувањето не треба да биде „заложник“ на билатерални спорови меѓу членки и кандидати. А потоа, кога дојде во регионот, за Македонија даде тотално дијаметрална изјава за неопходност од уставни измени. А во истата дебата во Европскиот парламент во март годинава беше поставено и барањето дел од одлуките во процесот на приближување да се носат со квалификувано мнозинство.
Ако ваквата логика се претвори во ново правило, Македонија би добила потенцијално поинаква институционална средина од онаа во која досега се движеше. Но постои и обратната страна. Ако ветото на постојните членки се намалува, се отвора прашањето дали и политичките гаранции за идните членки се намалуваат – велат нашите соговорници, споредувајќи ја метафорички целата процедура на партија „покер“ во која најмногу за проширувањето блефираат либералните бриселски елити.
Брисел не сака да го менува Лисабон, барем засега
Најинтересниот елемент на целата стратегија е дека голем дел од промените се обидуваат да се постигнат без формално отворање на Лисабонскиот договор. Тоа не значи дека нема правни ограничувања. Имено, пасерел-клаузулите имаат конкретни процедури, а нивното активирање во релевантните области само по себе може да бара едногласност и, во зависност од клаузулата, согласност или неспротивставување од националните парламенти.
– За да се намали моќта на ветото, понекогаш прво треба сите да се согласат да ја намалат моќта на ветото. Тоа е политичката пречка што може да ја сопре целата конструкција. И токму затоа најавениот пакет не е готова „револуција“, туку почеток на тешка преговарачка битка – издвојуваат нашите соговорници, кои се добри познавачи на процедурите во ЕУ.
Што всушност се подготвува?
Кога ќе се тргне настрана бриселскиот бирократски речник, на маса се наоѓаат најмалку шест крупни промени:
- поширока употреба на квалификувано мнозинство наместо едногласност во определени политики;
- употреба на пасерел-клаузулите без целосна ревизија на основачките договори;
- преодни ограничувања на одредени гласачки права на идните членки;
- посилни механизми за санкционирање на назадувањето во владеењето на правото;
- можно условување или суспендирање на европските средства;
- намалување на бројот на комесари и враќање кон принципот на ротација.
Ниту една од овие точки сама по себе не создава нова Европска Унија. Заедно, меѓутоа, тие можат да создадат значително поинаков институционален внатрешен однос во ЕУ во полза на елитите што би го операционализирале процесот на централизација и зајакнување на наднационалните институции на ЕУ.
– Играта сега е двојна. Се раѓа необична конструкција во Брисел. Наводно побрз влез, но со повеќе услови; повеќе интеграција, но и повеќе контрола; поголема Унија, но со помалку можности секоја држава да го запре системот. За кандидатите ова може да значи побрз процес. За малите држави членки може да значи намалување на традиционалните инструменти на влијание. За комисијата може да значи поефикасна централна институција и акумулација на моќ. За граѓаните, пак, останува да анализираат за тоа каде завршува неопходната ефикасност на една голема Унија, а каде започнува концентрацијата на одлучувачката моќ во европскиот центар? Токму на тоа прашање ќе се сведе реформата што претстои. Зашто идното проширување повеќе не е само приказна за тоа кој ќе влезе во Европската Унија. Тоа е и приказна за тоа во каква Унија ќе влезе. А ако работните документи што циркулираат низ Брисел се претворат во официјални предлози, тогаш следната фаза на европската интеграција нема да биде само ново проширување на картата туку ќе биде и ново преговарање за самите правила на играта, предупредуваат нашите соговорници.






























