Комбинаториките на актуелните бриселски елити заради задржување на кормилото на Унијата
- Со новата архитектура на проширувањето се најавуваат помалку едногласност, повеќе услови и можност новите членки привремено да останат без дел од правата што денес ги имаат 27-те членки. Во игра се ветото, составот на Комисијата, контролата врз европските фондови, владеењето на правото и можноста новите членки извесен период да имаат ограничена способност да блокираат одлуки.
Брисел повторно го отвора прашањето што со години стои во фиоките на европската интеграција. Имено, може ли Европската Унија со 30 или повеќе членки да продолжи да функционира по правилата создадени за многу помала заедница? Одговорот што постепено се оформува во институциите на ЕУ е дека нешто мора да се промени. Но зад техничкиот јазик на „внатрешни реформи“, „заштитни механизми“, „постепена интеграција“ и „подобрување на капацитетот за дејствување“ стои отворено многу покрупно политичко прашање. Имено, дали идните членки ќе влезат во Унијата со исти институционални права како сегашните или членството ќе станува процес во повеќе степени? Токму ова е една од најчувствителните идеи што веќе неформално се разгледуваат низ европските институции.
Брисел сака да обезбеди и механизми за контрола по пристапувањето
Според добиените информации, на 9 јуни Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург доставиле до Европската комисија неформален документ со наслов „Кон каталог на опции за идни договори за пристапување“ (Towards a catalogue of options for future accession treaties). Тој документ сега нема статус на формален предлог на европската влада (Европската комисија), ниту е усвоена одлука на Европскиот совет (ЕС). Станува збор за т.н. нон пејпер, дипломатски документ со кој државите тестираат идеи и можни решенија. Сепак, документот е важен затоа што јавно ја внесува во европската дебата идејата за привремено ограничување на гласачките права на идните членки, особено во областите во кои денес е потребна едногласност, и тоа, меѓу другото, во делови од надворешната политика, проширувањето и повеќегодишниот буџет на ЕУ.
Според наши извори од Брисел, во документот се бара и „каталог на можни заштитни мерки за идните пристапни договори“. Меѓу нив се посочуваат посилен мониторинг, механизми против назадување во владеењето на правото, условување на пристапот до средства и, како политичка опција, преодни ограничувања на гласачките права. Петте горенаведени држави притоа експлицитно предлагаат да се разгледа и можноста за учество на идните членки во Европското јавно обвинителство (EPPO), како политички услов за пристапување. Тоа е првиот важен сигнал дека новиот пристап не се сведува само на забрзување на проширувањето. Брисел сака да обезбеди и механизми за контрола по пристапувањето!
Заштитен механизам за ЕУ треба да биде вграден во самиот пристапен договор на кандидатите?!
– Заднината на идејата не е тешко да се прочита. Европската Унија со години се соочува со проблемот што има многу посилни инструменти за условување на земјите пред нивното членство отколку откако ќе станат полноправни членки. Токму искуствата со владеењето на правото во некои земји членки се наведуваат како причина за барањето идните пристапни договори да содржат посилни заштитни клаузули. „Ројтерс“ потврди дека петте држави го образложуваат својот предлог и со искуствата од демократското назадување во Унијата.
Во посебниот нон пејпр се предлага и разгледување на можноста за привремена промена на процедурата од членот 7 од Договорот за ЕУ, така што механизмот за суспендирање на гласачките права би можел полесно да се активира во определени услови. Ова е особено чувствително бидејќи членот 7 е еден од најмоќните инструменти за заштита на основните вредности на Унијата. Оттука произлегува новата логика, имено доколку ЕУ стравува дека идната членка може да се оддалечи од правилата откако ќе влезе, тогаш заштитниот механизам треба да биде вграден во самиот пристапен договор – брифира нашиот соговорник.
„Пробен период“ за членство
Во септември во јавноста излегоа и подетални информации за работни материјали подготвувани околу планот на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
1. Според објавените информации за нацрт-документот „Анализа на политиките пред проширувањето“ (Pre-Enlargement Policy Analysis), една од опциите е новата членка при пристапувањето да даде посебна изјава со која за определен период би се откажала од користење на правото на вето во одлуките што се носат со едногласност.
2. Истовремено, се разгледуваат механизми со кои на нова членка би можеле привремено да ѝ бидат суспендирани одредени права на гласање доколку се утврди сериозно назадување во владеењето на правото, нарушување на основните вредности или проблеми со управувањето со средствата на ЕУ.
– За македонската јавност е битно да се нагласи дека ова не е усвоен европски режим. Станува збор за опции и работни предлози. Да потсетам дека еврокомесарката Кос во мај изјави дека кандидатите ќе можат да влезат како полноправни членки кога ќе ги исполнат условите, но потврди дека во Комисијата и меѓу земјите членки се разгледуваат различни заштитни механизми за периодот по пристапувањето. На ова, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека би прифатил и привремено ограничување на ветото доколку тоа помогне Албанија да стане членка – потсетува нашиот соговорник од Брисел.
Тоа покажува колку е асиметрична сегашната политичка ситуација. Имено, кандидатите бараат побрз влез, а некои од сегашните членки сакаат пред влезот да обезбедат дополнителни гаранции дека новите членки нема да го блокираат функционирањето на Унијата.

Ветото станува централна тема
Механизмот со т.н. вето е уште поголем фронт на реформата. Со години се дискутира и анализира потребата за поголема употреба на квалификуваното мнозинство наместо едногласноста во определени области.
– Да потсетам дека во март 2024 година Комисијата формално го отвори процесот на подготовка за „внатрешни реформи и преиспитување на политиките“ пред проширувањето. Во документот се идентификуваат четири области: вредности, политики, буџет и управување.
Европскиот совет во јуни 2024 година побара овој процес да се одвива паралелно со проширувањето. Во меѓувреме, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, повторно го постави прашањето за користење на т.н. пасерел-клаузули, договорни механизми со кои, во определени области, може да се премине од едногласност кон квалификувано мнозинство без формална ревизија на основачките договори. Една официјална изјава на Комисијата од 2026 година директно вели дека ЕУ треба да го искористи „полниот потенцијал“ на постојните договори и дека тоа може да значи активирање на пасерел-клаузулите. Истовремено, Комисијата признава дека ова е политички чувствително прашање за земјите членки – вели нашиот брифер од Брисел.
Тој додава дека постои една многу важна правна нијанса.
– Не треба да се создава впечаток дека пасерел-клаузулата автоматски може да го „укине ветото“ во целиот процес на проширување. Не може. Членот 49 од Договорот за ЕУ предвидува дека одлуката за прием на нова членка во Советот се носи едногласно, а пристапниот договор потоа мора да биде ратификуван од сите договорни страни според нивните уставни процедури. Затоа вистинскиот спор е посуптилен, односно дали дел од меѓучекорите во процесот на пристапување и дел од други европски политики можат да се изместат кон квалификувано мнозинство, а самото финално членство да остане под режимот на членот 49. И тука е потенцијално најголемата институционална промена – информира нашиот соговорник.
„Помалку консензуална“ Унија
– Во врска со ова, морам да подвлечам дека логиката на Брисел е многу едноставна. Колку повеќе членки има Унијата толку повеќе држави потенцијално можат да го блокираат процесот. Во официјалната рамка за внатрешни реформи Европскиот совет експлицитно предупредува дека поголемата ЕУ носи „зголемена сложеност на процесите на одлучување“. Денес Унијата има 27 членки. На хоризонтот се демек нови, а Комисијата постојано зборува и за поширок процес на идно проширување. Со други зборови, проширувањето според некои овде во Брисел повеќе не е далечна теоретска перспектива и сакаат да остават впечаток дека за првпат по долго време институциите сериозно се подготвуваат за сценарио во кое Унијата повторно ќе почне да расте – информира нашиот соговорник.
Реформи во владата на Европската Унија (Европската комисија)
Според нашиот соговорник, овој дел од реформите и преструктурирањата на ЕУ е најинтересен.
-Лисабонскиот договор веќе предвидува Комисијата да може да има број на членови што одговара на две третини од бројот на земјите членки, со систем на еднаква ротација.
Оваа формула никогаш не стана реалност во практиката поради политичкиот договор постигнат околу ирскиот референдум. Европскиот совет во 2013 година донесе одлука Комисијата да продолжи да има по еден член од секоја држава.
Сега старата формула повторно се враќа на маса. Во работните предлози што беа објавени во септември се споменува комисија составена од приближно две третини од бројот на членките, што би значело дека не секоја држава задолжително би имала свој комесар во секој мандат. Во Унија со 27 членки тоа би значело околу 18 члена на колегиумот. Во Унија со 30 членки – околу 20. Е, тука повторно се појавува старото европско прашање: ефикасност или национална репрезентативност? За големите држави помала комисија може да значи појасна и пооперативна институција. За малите држави, пак, загубата на принципот „секој има свој комесар“ отвора прашање за нивната институционална видливост и влијание – анализира нашиот соработник.
Тој додава дека ова е особено чувствително за Ирска.
– Во процесот на ратификација на Лисабонскиот договор, ирската влада доби политичка гаранција дека Комисијата ќе продолжи да има по еден државјанин од секоја членка. Токму затоа денешното враќање кон моделот „две третини“ не е само математичко прашање. Тоа допира до старите компромиси што ја овозможија ратификацијата на Лисабон – вели нашиот соработник.
Со други зборови, Брисел повторно ги отвора прашањата што еднаш беа затворени со политички компромиси.
Несогласувања за реформите
– „Бриселска реформа“ не оди баш мазно. Во јули годинава седум држави, Италија, Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Словачка и Словенија, се спротивставија на пристапот што го предлага групата Франција–Германија–Бенелукс. Нивната главна забелешка е дека не треба да се создава впечаток дека идните членки се „втора класа“ и дека правилата треба да се применуваат еднакво на сите кандидати.
Ова е клучниот контрааргумент. Ако идната членка формално ги исполнила условите за членство, како може да биде полноправна членка, а истовремено привремено да нема дел од политичките права на другите? Од друга страна, одговорот на поддржувачите на заштитните механизми е дека членството не треба да создаде ситуација во која една нова влада може веднаш да го парализира целиот европски систем. Судирот, значи, не е само меѓу „старите“ и „новите“ членки. Тој е меѓу две концепции за идната Унија. Н.М.
EPPO како услов пред влез заради наднационален механизам на финансиска и кривичноправна контрола!
Особено е интересен предлогот идните членки да пристапат кон Европското јавно обвинителство (ЕРРО) пред самото членство. Имено, EPPO истражува кривични дела поврзани со измама со средствата на ЕУ и други кривични дела што ги засегаат финансиските интереси на Унијата.
Петте држави што го подготвија нон пејперот сметаат дека учеството во оваа институција треба да биде политички услов за идните членки.
Практично, тоа значи дека Брисел сака идниот член да биде подготвен не само да го преземе европското законодавство туку и да прифати наднационален механизам на финансиска и кривичноправна контрола! Н.М.
Финансиите се третиот столб на реформата на ЕУ
Кој ќе има контрола врз европските пари?
Европската комисија (ЕК) веќе има развиен систем на условување на европското финансирање со владеењето на правото. Во 2026 година Европската комисија повторно потврди дека „почитувањето на владеењето на правото и фундаменталните права е хоризонтален услов за определени европски фондови и дека плаќањата може да бидат блокирани кога условите не се исполнети“.
Во случајот на идните членки, идејата е оваа логика да биде вградена уште во пристапниот договор. Тоа би создало нешто што досега недостасуваше во доволно силна форма, имено постојан инструмент за притисок и по формалното членство. Новата членка би имала обврски кон европскиот буџет, владеењето на правото и институционалните стандарди, а во случај на сериозно назадување би можела да се соочи со ограничување на средствата и, според некои опции, со ограничување на гласачките права. Н.М.































