Јавното обвинителство на Република Македонија, во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денеска одржа меѓуинституционална работна средба посветена на подготовката на новата Стратегија за човечки ресурси на Јавното обвинителство за периодот 2026-2028 година.
Нацрт-стратегијата е подготвена од експерти ангажирани преку проектот, а на средбата претставници на институциите надлежни за нејзината имплементација дадоа забелешки и предлози за унапредување на документот.
Јавниот обвинител на Република Македонија, Ненад Савески, посочи дека работната верзија ги идентификува клучните кадровски предизвици со кои се соочува јавнообвинителската мрежа.
– Работната верзија идентификува повеќе предизвици со кои подолго време се соочува јавнообвинителската мрежа: недоволната кадровска екипираност, нерамномерната распределба на кадарот и работното оптоварување, старосната структура и очекуваните пензионирања, недостигот на стручен и специјализиран кадар, како и ограничените капацитети за современо управување со човечките ресурси – изјави Савески.
Тој нагласи дека кадровските потреби треба да се утврдуваат врз основа на релевантни и проверливи податоци, како што се обемот и сложеноста на работата, законските надлежности, работните процеси, постојните капацитети, ризиците и проектираните идни потреби.
Од почетокот на следната година ќе започне примената на новиот Закон за јавнообвинителската служба, а се очекуваат и дополнителни промени во нормативната рамка. Во тој контекст, една од приоритетните обврски ќе биде донесувањето на актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места во Јавното обвинителство.
– Нашата цел не е само да усвоиме уште еден документ. Нашата цел е да воспоставиме одржлив систем што ќе обезбеди вистинските луѓе, со потребните знаења, вештини и интегритет, да бидат на вистинските работни места и да имаат услови професионално, независно и одговорно да ја извршуваат својата работа – рече Савески.
На работната средба свои согледувања дале и претставници на Советот на јавните обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на јавните обвинители, јавнообвинителската служба, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Министерствата за правда, за финансии, за јавна администрација и за односи меѓу заедниците.
Забелешките од дискусијата ќе бидат земени предвид при подготовката на финалниот текст на Стратегијата.
Јакнењето на капацитетите на Јавното обвинителство, вклучително и во делот на човечките ресурси, е меѓу обврските на земјата предвидени во Реформската агенда. Стратегијата треба да воспостави основа за поефикасно управување со кадарот во јавнообвинителската мрежа.
































