Фото: Пиксабеј

Авион на „Флајдубаи“ што летал од Дубаи кон Тел Авив денеска бил пренасочен и безбедно слетал во Саудиска Арабија, откако во авионот бил пријавен инцидент и биле испратени сигнали за итност.

Според двајца израелски функционери, израелските власти проверуваат дали инцидентот можеби бил обид за терористички напад од страна на еден од пилотите. Функционерите, кои зборувале анонимно, изјавиле дека копилотот наводно го избодел капетанот пред кабинскиот персонал да влезе во пилотската кабина и да ја преземе контролата врз авионот, пренесе „Си-ен-ен“.

Инцидентот предизвикал безбедносни консултации во Израел. Од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштиле дека ситуацијата е под контрола и дека се преземаат мерки за безбедно враќање на израелските патници. Израелски функционер изјавил дека Нетанјаху ги откажал обврските до крајот на денот поради кризата.

Првичните информации укажуваат дека летот ФЗ1073 бил пренасочен кон Саудиска Арабија додека летал над Јордан. Според податоците на „Флајтрадар24“, авионот најпрво испратил општ сигнал за итност, а потоа и сигнал што укажува на можна незаконска интервенција. Податоците покажуваат и нагло спуштање на авионот за околу 4.250 метри за помалку од 30 секунди пред првиот сигнал за итност.

Авионот, „Боинг 737“ со околу 150 израелски патници, според израелските медиуми, безбедно слетал на аеродромот Табук во северозападниот дел на Саудиска Арабија. Од аеродромот соопштиле дека двајцата пилоти биле хоспитализирани поради повредите. Засега ниту саудиските, ниту израелските власти официјално не го идентификувале напаѓачот, пишува „Мирор“.

Портпаролот на кабинетот на израелскиот премиер, Дорон Шпилман, изјавил дека не се верува оти станува збор за класично киднапирање на авионот, туку за „поинаков инцидент“.

Во израелските медиуми се појавија и сведоштва на патници. Еден патник изјавил дека едниот пилот бил тешко, а другиот полесно повреден. Според сведоштвото на мајка на патничка во авионот, нејзината ќерка слушнала врескање и видела маж со нож како го принудува едниот од пилотите да легне на подот.

Сепак, дел од информациите за инцидентот остануваат непотврдени и меѓусебно спротивставени. Израелските медиуми објавија различни верзии за тоа што се случило во пилотската кабина, вклучително и навод дека еден од пилотите се обидел намерно да го урне авионот. Различни се и информациите за националноста на членовите на екипажот.

Властите во Обединетите Арапски Емирати засега не го коментирале инцидентот. „Флајдубаи“ соопштила само дека на летот се случил „инцидент“, поради кој авионот бил пренасочен кон Табук, и дека сите патници се безбедни и евидентирани.

Летот ФЗ1073 е дел од редовната линија меѓу Дубаи и Тел Авив, која вообичаено минува низ воздушниот простор на Саудиска Арабија и Јордан. Во септември 2025 година, друг лет на „Флајдубаи“ на истата релација принудно слетал во Ријад поради здравствен инцидент кај патник.

Инцидентот се случува во поширок регионален контекст, во кој Израел и Обединетите Арапски Емирати од 2020 година имаат воспоставено дипломатски односи и развиваат безбедносна, воена и економска соработка.