ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

  • Македонија и Шкотска досега се сретнаа четири пати, во квалификациите за светските првенства во 2010 и во 2014 година

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе вториот пораз во дебитантскиот настап во лигата Б на Лигата на нациите, на гостувањето кај Словенија, со 0-2. По две кола во групата 1 во лигата Б, Швајцарија води со максимален учинок, шест бода, Словенија освои четири, Шкотска еден, а Македонија е без бодови. Во следното коло, в сабота (20.45 часот), Македонија ја пречекува Шкотска, во Скопје, што ќе биде петти меѓусебен дуел на двете репрезентации, прв по 13 години. Претходните четири меча беа во квалификациите за светските првенства во 2010 и во 2014 година, во кои Македонија на дуелите со Шкотска забележа по една победа и реми и два пораза.
Од сезоната 2028/2029, Лигата на нациите ќе се игра со изменет формат, ќе ги вклучи репрезентациите врз основа на нивните резултати сезонава и наместо четири, ќе има три лиги, со по 18 селекции.
Така, во лигата А ќе играат осумте четвртфиналисти од лигата А, две најдобри меѓу третопласираните од лигата А, по четири победници на групите во лигата Б и победници од плејофот. Во лигата Б ќе настапат двете најнискорангирани четвртопласирани од лигата А, четири поразени во плејофот помеѓу лигите А и Б, како и по четири третопласирани од лигата Б, потоа победници на групите во лигата Ц и победници на плејофот помеѓу лигите Б и Ц, во кој ќе играат четвртопласираните во групите во лигата Б и второпласираните во групите во лигата Ц. Во лигата Ц ќе настапат четири поразени во плејофот помеѓу лигите Б и Ц, осум пласирани на третото и на четвртото место во лигата Ц и шесте репрезентации од лигата Д, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.