Македонската Царинска управа доби современа специјализирана опрема и 26 возила, наменети за поефикасна борба против нелегалната трговија, шверцот и организираниот криминал, но и за олеснување на трговијата.
Опремата, вредна околу четири милиони евра, беше презентирана денеска на царинскиот терминал Табановце, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Опремата е обезбедена во рамки на Акцискиот документ за модернизација и унапредување на оперативните и технолошките капацитети на Царинската управа.
Премиерот Мицкоски истакна дека новата опрема треба да придонесе за поголема ефикасност на Царината и поуспешна борба против организираниот криминал и корупцијата.
– Мораме да покажеме дека да се биде криминалец и да се занимаваме со криминал е неисплатлива професија. Вие сте практично на првата линија на одбраната на законот и на владеењето на правото – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата има сериозна намера да им застане на патот на оние кои се „сојузници на криминалот“ и порача дека тие ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата.
Амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас информираше дека за четири проекти во рамки на програмата „ЕУ против организираниот криминал во поддршка на трговијата“ се издвоени четири милиони евра.
Според него, новата опрема е конкретен пример за резултатите од соработката меѓу ЕУ и Северна Македонија и ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на царинските службеници.
– Она што го гледаме денеска е голем дел од нашата замисла – подобри патишта, помодерни гранични премини и поефикасни царински услуги. Сите овие работи имаат една цел: полесно движење, побезбедни граници и подобри услови за граѓаните и деловните субјекти – рече Рокас.
Тој посочи дека ЕУ е најголемиот трговски партнер на земјава, со учество од 76 проценти во извозот, и дека европската поддршка има цел македонската царина да се усогласи со пазарот од над 450 милиони потрошувачи и околу 30 милиони деловни оператори.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека инвестицијата има повеќекратно значење – од заштита на финансиските интереси и борба против организираниот и прекуграничниот криминал, до создавање услови за побрза и поедноставна трговија и поголема дигитализација.
Таа истакна дека модернизацијата на Царината е дел од процесот на усогласување со европските царински стандарди и подготовките за интеграција во единствениот пазар и царинската унија на ЕУ.
– Европската интеграција за нас не е само процес на усвојување прописи, туку значи практично воведување европски стандарди во институциите и создавање подобри услуги за граѓаните и компаниите – рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, во првите осум месеци од годинава приходите од увозни давачки достигнале близу 10,5 милијарди денари, што е раст од 9,7 проценти во однос на истиот период минатата година.
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски истакна дека се обезбедени современа опрема за царинска контрола и истраги, опрема за откривање и идентификување недозволена трговија, форензичка опрема и современа информатичка инфраструктура.
– Обезбедени се 26 специјализирани возила за секторот за контрола и истраги, за мобилните царински тимови и за К9 тимовите, меѓу кои и специјализирано возило за транспорт на привремено задржани лица – рече Николовски.
Тој посочи дека новата опрема ќе им овозможи на царинските службеници поефикасно да ги препознаваат ризиците, да спречуваат нелегална трговија и да откриваат шверц.
Дополнително, воведени се дигитални решенија за регистрација и идентификација на економските оператори, управување со идентитетите на корисниците и дигитален потпис. Тие треба да овозможат побезбеден пристап до царинските електронски системи и да ги поедностават процедурите за компаниите.
Николовски најави дека Царинската управа ќе продолжи со модернизацијата и дигитализацијата, развојот на човечките капацитети, јакнењето на меѓународната соработка и усогласувањето со европските стандарди.
































