• Филмскиот уметник од Турција, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма Емин Алпер годинава со својот најнов филм „Спасение“ во Берлин ја освои „Сребрената мечка“

Добитник на „Сребрената мечка“, наградата на големото жири на годинашниот Берлински филмски фестивал, турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер, е годинашниот почесен гостин и лауреат на 11. ИФФ „Киненова“. Од 14 до 18 октомври на неколку локации низ Скопје, во рамките на својата програма, 11. ИФФ „Киненова“ ќе претстави близу 40 филмски наслови, поделени во седум програмски целини.
– Со својот автентичен и единствен фестивалски формат во земјава, „Киненова“ ги надминува границите што ги означуваат териториите и континентите, останувајќи доследна на својата мисија – промоција на уникатниот и свеж авторски филмски израз и неуморно трагање по новите Фелини, Бергман, Кишловски, Тарковски, Трифо, Антониони, Линч, Вендерс, Ценевски…
Зашто во Македонија постои филмска публика што е многу поинаква од онаа што исклучиво ги следи трендовските и веќе познати наслови и приказни, кои најчесто ги нудат фестивалските програми – истакнуваат од „Киненова“.
Токму затоа почесен гостин и лауреат е филмскиот уметник од Турција, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма Емин Алпер, кој годинава со својот најнов филм „Спасение“ во Берлин ја освои „Сребрената мечка“.
– Во „прегратките“ на филмовите на Емин Алпер, гледачот се чувствува „беспомошно“, препуштајќи им се како на нешто блиско и познато. Во своите стамени, режисерски прецизно скроени приказни, поставени меѓу минатото и сегашноста, руралното и урбаното, традиционалното и современото, Алпер ги поставува своите ликови во очекуван конфликт, но во најнепредвидливите моменти од ткаењето на приказната.

Токму преку нив, тој неуморно ги открива видливите и скриените контрадикторности на модерна Турција. Неговите ликови на првата средба со гледачот дејствуваат сосема обично. Но со својата тивка и ненаметлива режисерска постапка, Алпер во еден мајсторски сценаристички „скок“ ја менува, па дури и ја трансформира нашата визуелна перцепција. Ликовите одеднаш ги прифаќаме како херои или антихерои, како оган или вода, како земја или воздух. Така, нивните дилеми, навидум необјаснивите одлуки, поставени во специфични околности и во филмски пејзаж со кој Алпер суверено владее, постепено нè освојуваат – се наведува во најавата.
Од својот прв независен краток филм „Писмо“ во 2005 година, па во следните две децении, Емин Алпер не престанува да потсетува на оние другите – невидливите, заборавените и замолчените во својата земја.
Користејќи го често режисерскиот концепт на филмовите од црниот бран, тој осаменоста ја претвора во предност, неугледноста во доблест, а презирот во наследство. Со своите филмови „Зад ридот“ (2012), „Френзи“ (2015), „Пеколни денови“ (2019) и „Приказната на трите сестри“ (2022), Алпер е наградуван на голем број меѓународни филмски фестивали. С.Ј.