Фото: Џудо федерација на Македонија

На 8 и 9 август, во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје ќе се одржи Европскиот јуниорски куп во џудо, еден од најзначајните меѓународни настани за млади џудисти.

На турнирот ќе настапат 346 џудисти од 34 држави, кои ќе ги одмерат силите во борба за највисок пласман и вредни бодови на европската сцена.

По завршувањето на натпреварувачкиот дел, од 10 до 12 август ќе се одржи меѓународен тренинг камп, на кој учесниците ќе имаат можност да тренираат заедно, да разменат искуства и да ја подигнат својата спортска форма со врвни џудисти од Европа.

Организаторот на ова врвно европско натпреварување, Џудо федерацијата на Македонија испрати отворена покана до сите љубители на спортот и џудото да бидат дел од овој голем меѓународен спортски настан и да ги поддржат младите натпреварувачи.