Македонија влегува во период на изразено топло и стабилно време, под влијание на топла воздушна маса од југ, која ќе се задржи во текот на продолжениот викенд и до крајот на следната седмица.
Според прогнозата, времето ќе биде претежно сончево, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец. Високите дневни температури ќе бидат проследени и со топли вечери и ноќи.
За денеска се прогнозираат минимални температури од 11 до 21 степен, додека дневните ќе се искачат од 33 до 39 Целзиусови степени.
Поради високите температури, Институтот за јавно здравје апелира граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Се препорачува носење лесна и светла облека, заштитни очила и капа, како и правење почести паузи во сенка доколку престојот на отворено е неизбежен.
Здравствените власти советуваат редовно внесување вода и минерални безалкохолни пијалаци, без да се чека појава на жед, како и избегнување алкохол, кофеински и многу ладни пијалаци. Во исхраната се препорачуваат полесни оброци, додека масната, висококалорична и премногу засладена храна треба да се избегнува.
Посебна претпазливост се препорачува за лицата постари од 60 години, бремените жени, децата, хронично болните, работниците кои работат на отворено и другите ранливи категории. Тие треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при каква било промена на здравствената состојба да се обратат кај својот матичен лекар.
Доколку се појават симптоми како зашеметеност, слабост, силна жед, главоболка или вознемиреност, потребно е лицето веднаш да се премести во поладна просторија, да внесе течности и, доколку е можно, да ја измери телесната температура. Во случај на топлотни грчеви, се препорачува одмор на ладно место и внесување пијалаци со електролити, а доколку симптомите траат повеќе од еден час, неопходно е да се побара лекарска помош.
































