Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ја отвори Летната школа за учење македонски јазик, на која учествуваат деца на македонски иселеници од повеќе држави ширум светот.
Летната школа ќе се одржува од 31 јули до 6 август, со цел младите од дијаспората да го изучуваат македонскиот јазик, поблиску да се запознаат со македонската култура, историја и традиција и дополнително да ја зацврстат врската со својата татковина.
– Македонскиот јазик е нашиот идентитет, нашата култура и најсилната врска што нè обединува, без разлика каде живееме. Затоа е особено важно најмладите да го негуваат мајчиниот јазик и да ја продолжат љубовта кон Македонија – напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој им посака успешна работа на учесниците, исполнета со нови знаења, пријателства и убави спомени од Охрид.
































