Премиерот Христијан Мицкоски најави истрага за случајот со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, оценувајќи дека постојат сериозни сомнежи за неправилности во постапката.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола, Мицкоски изјави дека внимателно го следел случајот и оти, според информациите со кои располага, постои „груба манипулација“ во постапувањето.
– Мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши – изјави премиерот, пренесе МИА.
Тој не сакаше да открива имиња, посочувајќи дека наскоро ќе биде поведена истрага.
– Од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од оној што е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши. Лично ви гарантирам дека ќе го следам овој случај – рече Мицкоски.
Случајот предизвика внимание откако Основниот суд во Струга му го врати пасошот на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, по што тој веќе следниот ден ја напушти државата преку граничниот премин Табановце.
Марковски е првообвинет во предметот што се однесува на наводни злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милиони евра.
































