Фото: „Нова Македонија“

Растот на кредитирањето како повод

  • Во согласност со најновите податоци и информации од областа на банкарството и кредитирањето, вкупните кредити на граѓаните и компаниите во домашните деловни банки достигнале до 9,61 милијарди евра
  • Поради постојаниот раст на кредитите, ги запрашавме домашните експерти дали има лимит што не би требало да се надмине кога станува збор за кредитите, но и какви механизми има НБРМ за нивна контрола. Економистите укажуваат дека иако задолжувањето расте, и понатаму има простор за раст на кредитирањето

Кредитното задолжување на компаниите и граѓаните во земјава од месец на месец расте, а истата потврда пристигна и од последните податоци што ги објави Народната банка на Македонија (НБРМ). Во согласност со најновите податоци, вкупните кредити на граѓаните и компаниите во домашните комерцијални банки достигнале до 9,61 милијарди евра. Според оцената на банкарските експерти, „задолжувањето е речиси – изедначено“.
Имено, компаниите имаат вкупен долг од 4,78 милијарди евра во домашните банки. Додека, пак, населението или граѓаните должат малку повисока сума или 4,79 милијарди евра на основ на кредити.
– Во јуни вкупните кредити се зголемени за 1,4 отсто и 13,1 процент на месечно и на годишно ниво. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на зголемените кредити на двата сектора, со поизразен придонес на кредитите на корпоративниот сектор – се посочува во објавата на Народната банка.
Воедно, податоците на НБРМ откриваат дека, како и изминатите месеци, и понатаму меѓу населението најатрактивни се станбените кредити, а веднаш зад нив се потрошувачките.
– Aнализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во јуни кај најзастапените категории, потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 1,5 отсто и 1,6 проценти. Годишниот раст достигнува до 11,8 отсто и 16,6 проценти. Автомобилските кредити се намалени за 0,6 проценти на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 7,8 отсто. Кредитите одобрени на кредитните картички во јуни остварија месечен раст од 0,4 отсто, во услови на годишен пад од 4,0 проценти. Овој месец негативните салда на тековните сметки се зголемени за 0,9 отсто и 2,1 процент на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи забележаа месечно и годишно намалување од 2,4 отсто и 11,2 проценти – се прецизира во објавата на НБРМ.

Има ли лимит?

Интензивното задолжување на граѓаните би можело да предизвика проблем доколку граѓаните се соочат со проблеми при враќањето на кредитите. Сепак, факт е дека во последниве години нефункционалните кредити, кои се сигнал за проблеми со враќањето на кредитите, се на најнизок праг.
Поради постојаниот раст на кредитите, прашавме домашни експерти дали има лимит што не би требало да се надмине кога станува збор за кредитите, но и какви механизми има НБРМ за нивна контрола. Економистите укажуваат дека иако задолжувањето расте, и понатаму има простор за раст на кредитирањето.
– Одобрувањето кредити на претпријатијата и на граѓаните се врши според утврдени правила и лимити што ги утврдуваат комерцијалните банки и НБРМ. Банките се должни да се придржуваат кон тие лимити затоа што тоа е во интерес на нивната ликвидност, солвентност и профитабилност, но и избегнување на строгите казни, кои би можеле да ги добијат од НБРМ ако не постапуваат така. Впрочем, постојаното намалување на т.н. ненаплатливи кредити кај банките убедливо го потврдува тоа – објаснуваа добро упатен извор за „Нова Македонија“.
Тој укажува дека централната банка има механизми со кои може да го спречи понатамошното задолжување на граѓаните, во случај ако процени дека задолжувањето е преголемо.
Еден од најсилните механизми на Народната банка е одредба со која на одреден период би можело да се ограничи зголемувањето на кредитите на одделни банки.
Сепак, многу пред да дојде до такви мерки Народната банка има на располагање и други механизми. Тие главно се однесуваат на макропрудентните мерки и регулативи насочени кон банките и самите клиенти.
Народната банка би можела да постави регулаторни граници за задолженоста на граѓаните, како што се ограничувања на максималниот износ на кредитот во однос на приходот на клиентот.
Друга мерка е НБРМ да бара од банките да чуваат повеќе капитал за одредени ризични или подолги кредити, што го поскапува и забавува нивното одобрување. Но и промената на стапките на задолжителната резерва влијае на слободните средства на банките и нивната моќ за ново кредитирање.
Инаку, за потсетување, НБРМ на крајот на 2015 година преку Советот на Народната банка на Република Македонија усвои одлука со која се воведоа мерки за забавување на високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити.
Мерките, како што појаснија тогаш од НБРМ, се воведоа за да се ограничат потенцијалните ризици од забрзаниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, односно за да се влијае превентивно на сигналите за можните идни растечки ризици од овие кредити.

Нефункционалните кредити на најниско ниво

Сепак, водејќи се во согласност со податоците објавени на почетокот на месецов, по редовната седница на Советот на Народната банка, нема простор за загриженост за висината на кредитната задолженост.
– Банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност со високо ниво на солвентност и задоволителна ликвидност и добар капацитет за справување со претпоставените шокови, како што покажуваат резултатите од спроведените стрес-тестови.
Кредитирањето и депозитната активност забележаа раст и во првиот квартал од 2026 година, но побавен во споредба со претходниот квартал, најмногу под влијание на сезонските ефекти, кои се вообичаено позасилени во првиот квартал од годината. Квалитетот на кредитното портфолио се подобри и кај секторот „домаќинства“ и кај корпоративниот сектор, што придонесе за натамошно намалување на вкупната стапка на нефункционални кредити, која се сведе на историски најниско ниво од 1,9 отсто – нагласи НБРМ на почеток на месецов.
Воедно, оттаму потенцираа дека банкарскиот сектор остварува позитивен финансиски резултат, кој е на слично ниво на она од истиот период минатата година, обезбедувајќи солидни показатели за профитабилноста.
Исто така од Народната банка истакнаа дека таа и во иднина ќе биде претпазлива, постојано ќе ги следи ризиците и е подготвена да ги примени сите расположливи инструменти и мерки за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност. Е.Р.