Денот кога Скопје повторно се навраќа кон својата најдлабока рана
На 26 јули, денот кога Скопје повторно се навраќа кон својата најдлабока рана, се отвора изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди по земјотресот, и се промовира дополнето и двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов. Настанот се одржува на 26 јули, недела, во 20.30 часот во Музејот на градот Скопје.
Книгата и изложбата отвораат два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги зачувал нивните лица, движења и обреди. Овие архивски материјали, повеќе од шест децении недостапни за јавноста, денес сведочат за тагата како лично искуство, заеднички обред и дел од културната меморија на градот.
– Кога во 2023 година ја објавивме книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, нашата првенствена намера беше пред научната и пошироката јавност да претставиме еден долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство. Ракописните и звучните записи што Хаџиманов ги создал непосредно по катастрофалниот земјотрес, на погребите и помените на жртвите, повеќе од шест децении останале расеани во неговата архивска оставина. Нивното пронаоѓање, дигитализирање, расчитување и приредување ни овозможија да ги вратиме во јавниот и научниот простор гласовите на луѓето што својата загуба ја изразувале преку еден од најстарите, а истовремено и најмалку проучувани фолклорни жанрови. Книгата ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за придонес во науката и книжевноста поврзан со градот и со неговото историско паметење – велат Ана и Жарко.
Дополнетото и двојазично издание „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, прво во ваква форма, произлезе од интересот за книгата надвор од македонскиот научен простор, но и од сознанието дека работата со архивата на Хаџиманов не беше завршена со изданието од 2023 година.
– Изложбата, чиј авторски концепт го подготвивме во соработка со фотографот-документарист Иван Блажев од Архив МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, за првпат ќе претстави дел од досега неприкажаните фотографии што Хаџиманов ги направил на скопските гробишта по земјотресот. Фотографските сведоштва за погребните и тажачките обреди ќе бидат поврзани со дигитализираните звучни записи, така што посетителите истовремено ќе можат да ги гледаат визуелните документи и да ги слушаат гласовите на жените што ги оплакувале своите блиски… Се надеваме дека книгата и изложбата ќе придонесат неговото дело да добие повидливо место во историјата на македонската фолклористика, етномузикологија и визуелна култура и дека ќе поттикнат натамошно објавување и проучување на материјалите што ги собирал со децении – велат Ана Мартиноска и Жарко Иванов. В.Д.
































