За реалноста и илузијата

Ова се случува редовно. Само поради природата на секојдневноста, редовно останува незабележливо… Има ретка категорија на маргините на секојдневноста за која овој настан предизвикува вознемирување на севкупниот сензориум. Настанот го опишува како виден и доживеан во присуство на поетот.
Вака: (има и наслов) ИЗДРЖИ…
…на крајот на последното двориште… таму каде што палиме ветошини, картони, стари текстови, покосени треви, книги, платени-неплатени сметки… Детството си игра потполно занесено од обликот на огнот, линиите на чадот се извиваат… аксел, луц, ридбергер… роси воздухот, нагоре со прстите – на прсти, достасува, се постила на тревата, колут напред, назад и уште и повторно горе… угоре… гори. Огнот догорува… НЕЕЕ, НЕКА ГОРИИИ!
Му објаснувам на синот за суштината на согорувањето, хемиските процеси, за тоа дека мора да бидеме претпазливи и општествено одговорни, за содржините на согореното, за последиците…
НЕЕЕ, НЕКА ГОРИ УШТЕ ПОСИЛНООО! Ние со огнот си се имаме и (во очите му навираат солзи)…
Оган (должен сум да го изгаснам)… Син (ќе му купам сладолед).
Ветувам и го прашувам: Што ќе станеш кога ќе пораснеш?
Сенка, врви по образите. Солзи.
Овој настан нема да биде одобрен за во учебник.
Делник. Празник. Ене: одобрен туристички водич на познат локалитет (има наслов): „Античка цистерна“ и има инфотабла според која водичот дисциплинирано им објаснува на присутните дека станува збор за хидротехнички објект од древноста, кој му служи на древниот град што се наоѓа горе на ридот… и ја населува приказната со Грци и Римјани… сѐ според учебникот….А ЕВРЕИ!? Туку свикува некој од присутните! Арно ама водичот е поткован и брани: Да има, но само во траги.
Туристот е задоволен и водичот ги искачува на ридот… за да се качите до градот е потребен напор од околу 20 минути освојување угорнина, а последните 15 метра се по угорнина од 60 степени… Водичот објаснува дека станува збор за престолнина што има водоводна мрежа итн.

Потоа во вашите опитни години (никој не знае зошто) навраќате кај цистерната. Провери си да не е поради Блаже (памтиш: „ја затнав стерната со бубаќ…“). Инфотаблата е сѐ уште тука, но во состојба за гревота. Не се чита. На дното нема вода. Само отпад од времето и постапките на луѓето! А да слезете до дното? Забележувате: скалите се солидно задржани и лево и десно… слегувате од десно и сфаќате: СКАЛИТЕ СЕ НЕФУНКЦИОНАЛНИ! Ни според широчината ни според височината на скалникот, и ако само себеси тешко се носите до дното, како ќе се искачите со најмалку 20 литра вода со вас, а височината на скалниците е нееднаква!? Но долу сте и откривате поединости: камениот ѕид има посветла нијанса под линијата на нивото на водата… и под нивото на водата има писан камен… може да се прочита нешто како КЕ или РЕ или… буквите се внимателно обликувани… ЗА КОГО!? Кога каменот ќе го покрие предвидената водена маса никој не ќе може да забележи дека постои камен со важна порака… ИЛИ ЌЕ ЗАБЕЛЕЖИ АРТЕМИДА, КЕФЕС, ЛИРОПА… водните суштества… ПОГЛЕДНЕТЕ НАГОРЕ: НА СРЕДИНАТА НА СКАЛНИКОТ НЕМА СКАЛИ… има само платформа… МЕСТО ЗА СПОМЕНИК… или свештеник, првосвештеник!
Светилиште? Пророчиште? Лечилиште?
Ако е така, каде се придружните капацитети на оваа позната античка архитектонска програма!? По скалникот назад на површина. Наоколу на површина од околу еден хектар, секаде, обликувани градежни елементи од камен, керамика, чудни длапки по површината, денивелации… Земете здив – овде никој не доаѓа… се слушаат само гласови што ги носи од некаде ветерот… Стануваат појасни и го населуваат светилиштето… ја гледате Питија на платформата прорекува нешто над мистериозната водна површина… но тоа се случува во затворена градба со бочвест свод, кој се издига високо над другите објекти во хоспиталниот комплекс… и чудно нема ни Грци ни Римјани ни Евреи во траги… САМО СТАРОСЕДЕЛЦИ… и вие им го разбирате јазикот…

На Институтот за славистика во Москва, основан пред 80 години, неодамна се одржа редовната годишна конференција… На крајот, пред да се донесат заклучоците, еден научник (поранешен висок извршител во вселенската програма) истрчува со прашање: Ако преселбата на Словените од Македонскиот Полуостров започнала во енеолитот и стасала до зад Карпатите на исток ДО КОГА Е ОДОБРЕНО ДА ТРАЕ ТОЈ ПРОЦЕС!?
Штама… Ова прашање не само што е неочекувано, за ваков еминентен собир, туку е и неодобрено! Покрај тоа: БЕСМИСЛЕНО Е! Во записникот влегуваат само реални ствари. А, за реалноста одлучува комисија на меѓународно ниво. Реалноста не смее да биде вознемирена.
Прв се снаоѓа претседателот: ПОЧИТУВАН АНАТОЛИЈ ТИМОФЕЕВИЧ, ова не е собор на математичари (тука значајно погледнува по салата и поентира), ова е конференција на слависти!
Во салата аплауз и смеење, со што се покриени следните прашања на математичарот: МОЖЕТЕ ЛИ ДА ПОТВРДИТЕ КОГА ПРВПАТ Е УПОТРЕБЕН ТЕРМИНОТ СЛОВЕНИ ЗА СЛОВЕНИТЕ? КАКО БИЛО ПРЕД ТОА? КОЈ Е КУМОТ?
АПОКРИФОТ ОД ЗРЗЕ (никој не знае каде е), цитат по созерцание:
„…Тие што имале видение… не се смеат… само зборуваат… не можат да кажат но кажуваат сѐ одеднаш… Тоа е поради отсуство на светлина или поради премногу светлина, во секој случај: ГОЛЕМА ТЕЖИНА… ни ноќ… ни сон… НЕ МОЖАТ ДА ГО ОЛЕСНАТ СОЗНАНИЕТО… НЕМА БЕГАЊЕ… ВИСТИНА Е..
Во оваа секојдневност вистината е бесмислена,
Во оваа секојдневност вистината е неверојатна.
Во оваа секојдневност вистината е невозможна… Издржи!
Вистината не е силогизам – Вистината е личност.

Вангел Божиноски