Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека останува на својот предлог за воведување придружно членство за Украина и земјите од Западен Балкан како чекор кон полноправно членство во Европската Унија.
Тој посочи дека иницијативата наишла на различни реакции во Украина, главно поради внатрешнополитички причини, но дека кај останатите лидери на ЕУ била позитивно прифатена.
„Веќе 13 години Европската Унија нема примено ниту една нова членка, иако на повеќе европски држави им е ветена европска перспектива“, изјави Мерц.
Според него, Унијата има две можности – или да признае дека понатамошното проширување не е можно, што би било, како што рече, „најлошото решение“, или постепено да продолжи со интеграцијата на земјите кандидати.
-Можете да го наречете поинаку, но ако го изгубиме кредибилитетот, губиме многу повеќе. Ќе ги изгубиме тие земји, а тоа би било сериозен геополитички пораз за Европа – нагласи германскиот канцелар.
Мерц призна дека процесот на пристапување во Европската Унија е сложен и дека не може секогаш да се одвива со посакуваната динамика, но истакна дека ЕУ мора да остане доследна на своите ветувања.
Предлогот, кој тој го доставил до лидерите на ЕУ во форма на нон-пејпер на 18 мај, предвидува воведување преодни статуси за земјите кандидати пред нивното полноправно членство.
Според предлогот, земјите од Западен Балкан и Молдавија би добиле статус на набљудувачи во институциите на ЕУ, како и привилегиран пристап до единствениот европски пазар и одредени европски механизми. За Украина, пак, се предлага статус на придружна членка, што би ѝ овозможило учество на состаноците на ЕУ и отворање на преговарачките поглавја, но без право на глас.
































