Фото: Томас Вајц /Фејсбук профил

Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур ќе гласа за конечната верзија на извештајот за напредокот на Македонија на патот кон членство во Европската Унија, подготвен од известувачот за земјата, Томас Вајц.

Покрај извештајот за Македонија, европратениците ќе се изјаснат и за документите што се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Извештаите беа презентирани вчера на пленарната седница, на која учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, пренесе МИА.

Во своето обраќање, Вајц оцени дека Западен Балкан и натаму останува регион изложен на влијанија од надворешни фактори, потсетувајќи на конфликтите што го погодија регионот во 1990-тите години.

Тој истакна дека Македонија и Црна Гора се меѓу државите што избегнаа масовно насилство и денес се меѓу посериозните кандидати за членство во Европската Унија.

 – Можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите доволно брзо, но мора да признаеме и дека ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме – порача Вајц.

Според него, земјите од регионот покажуваат подготвеност за спроведување на реформите и затоа треба да бидат охрабрени преку постепена интеграција во европските политики и механизми, како што се единствениот пазар, роаминг-услугите и Единствената европска платежна зона.

Вајц оцени дека членството на земјите од Западен Балкан ќе донесе значајни економски и безбедносни придобивки за Европската Унија и додаде дека по Црна Гора и Албанија, Македонија има реална можност да биде следната држава што ќе се приклучи на Унијата.

Осврнувајќи се на билатералните спорови, тој нагласи дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националниот идентитет како услов за членство.

 – Никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на соседна држава. Меѓусебното прифаќање и почитување меѓу соседите е темел на соработката – истакна Вајц, додавајќи дека ЕУ треба активно да помогне во обновувањето на довербата и добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија.

Еврокомесарката Марта Кос порача дека проширувањето на Унијата претставува геополитичка потреба и дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, е од особено значење во услови на зголемени хибридни закани.

 – Колку повеќе напредуваме во процесот на проширување, толку повеќе напади има. Ако не успееме да ги интегрираме овие земји, други ќе се обидат да ги искористат против европските интереси – предупреди Кос.

Таа повтори дека процесот на пристапување останува заснован на заслуги и реформи, без кратенки, но истовремено најави дека Европската комисија работи на дополнителна постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во повеќе области, меѓу кои и воспоставување бесплатен роаминг со Европската Унија.