Фото: ЕПА

Сенатот на САД по деветти пат по ред ја блокираше резолуцијата предложена од демократите, со која се бараше прекин на воените дејствија против Иран додека не биде обезбедено соодветно одобрение од Конгресот.

Резолуцијата беше блокирана со 48 гласа „за“ и 47 „против“. Документот се повикуваше на Законот за воени овластувања, според кој Белата куќа е обврзана во рок од 60 дена да побара согласност од Конгресот за продолжување на воени операции наредени од претседателот, пренесе „Ројтерс“

Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека воените активности против Иран завршиле на 8 април, поради што не постои потреба од дополнително одобрување.

За резолуцијата гласаа републиканските сенатори Бил Кесиди, Сузан Колинс, Лиса Мурковски и Ранд Пол, заедно со најголемиот дел од демократските сенатори.

Од друга страна, демократскиот сенатор Џон Фетерман гласаше против резолуцијата, додека петмина сенатори не учествуваа во гласањето.

Гласањето следуваше по објавувањето на рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран, кој има цел да воспостави трајна рамка за мир и стабилност во односите меѓу двете земји.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека договорот бил дигитално потпишан во неделата и нагласи дека со него не е предвидено одблокирање на финансиски средства за Иран, пренесе „Ројтерс“.

И покрај тоа, содржината на договорот сè уште не е официјално објавена ниту од Белата куќа ниту од иранските власти, што предизвика критики од дел од законодавците.

Неколку демократски сенатори, како и дел од републиканците, побараа администрацијата да објави повеќе детали за договорот, изразувајќи незадоволство што не биле навремено информирани за неговата содржина.

Официјалната церемонија за потпишување на договорот меѓу САД и Иран е најавена за в петок во Швајцарија.