Фото: Принтскрин

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го оцени рамковниот договор меѓу Иран и САД, кој треба да биде потпишан в петок во Швајцарија, како значајна дипломатска победа за Техеран.

Пезешкијан истакна дека договорот претставува ретка можност за земјата да ја надмине актуелната состојба и да отвори нови перспективи за развој, пренесе „Прес ТВ“.

 – Не смееме да ја пропуштиме оваа можност, што може да ѝ помогне на земјата да излезе од сегашната состојба – изјави иранскиот претседател, додавајќи дека ваква шанса можеби нема повторно да се укаже.

Познат по своите умерени политички ставови, Пезешкијан во повеќе наврати се залагаше за дипломатско решавање на спорните прашања меѓу Иран и САД.

Тој изрази уверување дека рамковниот договор ќе придонесе за надминување на бројните предизвици со кои се соочува Иран и ќе означи почеток на нов период во односите со меѓународната заедница, пренесе „Анадолија“.

Иран со години се соочува со сериозни економски тешкотии како последица на меѓународните санкции, а состојбата дополнително се усложни по ескалацијата на конфликтот меѓу Израел, САД и Исламската Република.

Доколку Вашингтон и Техеран постигнат трајно решение за спорот околу иранската нуклеарна програма, тоа би можело да отвори пат за постепено укинување на санкциите и подобрување на економската состојба во земјата, пишува „Њујорк Пост“.