Фото: ЕПА

Украина и Молдавија денеска официјално ги започнуваат пристапните преговори со Европската Унија, отворајќи нова фаза во нивниот европски пат, додека Црна Гора продолжува да напредува во преговарачкиот процес со затворање на уште две поглавја.

На меѓувладините конференции во Луксембург, Киев и Кишињев ќе го отворат првиот преговарачки кластер „Основи“, кој ги опфаќа клучните реформи во областа на владеењето на правото, независноста на правосудството, функционирањето на демократските институции, јавната администрација и исполнувањето на економските критериуми.

Почетокот на преговорите со Украина долго време беше блокиран од претходната унгарска влада, но амбасадорите на 27-те земји членки на ЕУ неодамна постигнаа согласност за отворање на процесот, пренесе „Ројтерс“.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздравија одлуката, оценувајќи дека станува збор за „стратешки избор што носи мир, стабилност и напредок во Европа“.

Во меѓувреме, Црна Гора продолжува да бележи напредок во пристапниот процес. На денешната конференција земјата ќе затвори две дополнителни преговарачки поглавја – за слободно движење на работници и за заштита на потрошувачите и здравјето.

Со тоа, Црна Гора ќе има затворено вкупно 14 поглавја и останува најнапредниот кандидат за членство во Европската Унија меѓу земјите од Западен Балкан.