Повод: Посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на нашата земја и воспоставувањето ново стратегиско сојузништво
- Стратешкото партнерство со Хрватска доаѓа во чувствителен момент за Македонија, во период на европски застој, регионални геополитички турбуленции и економски предизвици. Токму затоа, ова приближување кон Загреб има значење што ги надминува рамките на класичната билатерална соработка. Македонија добива уште еден силен европски глас што јавно застанува зад нејзината интеграција, но и партнер со кој може да гради конкретни економски, енергетски, трговски, стопански, културни и други конструктивни врски
Потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ во Охрид, во името на Македонија и Хрватска, претставува еден од најзначајните дипломатски и политички чекори во односите меѓу Македонија и Хрватска во последните години.
Односите меѓу Скопје и Загреб влегуваат во нова фаза
Во време кога европската перспектива на земјата повторно е ставена пред сериозни политички и идентитетски предизвици, поддршката од една членка на Европската Унија и НАТО, која историски важи за искрен пријател на Македонија, добива особено значење.
Со потпишувањето на договорот, двете земји практично ја формализираат намерата за подлабоко политичко, економско и безбедносно партнерство, отворајќи нова етапа во билатералните односи. Не станува збор само за дипломатски документ туку за стратешка рамка што треба да создаде долгорочна и функционална соработка во клучни области за иднината на двете држави.
Од политичка поддршка до конкретна соработка
Покрај договорот за стратешка соработка меѓу владите, беше потпишан и договор меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија, насочен кон енергетска стабилност и поврзување со регионалните енергетски мрежи.
Ова особено е важно во актуелниот европски контекст, во кој енергетската сигурност станува прашање не само на економија туку и на геополитичка стабилност. Македонија, која сè уште се соочува со ограничени енергетски капацитети и зависност од увоз, преку вакви партнерства добива можност за поблиска интеграција во регионалните инфраструктурни и енергетски процеси.
Мицкоски нагласи дека договорот отвора простор за интензивирање на соработката во повеќе стратешки сектори – транспортот, енергетиката, информатичко-комуникациските технологии, индустријата, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.
Но можеби уште поважно е што се отвора простор за директно поврзување меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница и експертските кругови од двете држави. Симболично, токму на денот на потпишувањето, хрватски и македонски бизнисмени имаа заедничка средба во Охрид, со јасна цел – зголемување на економската размена и нов инвестициски импулс.
Економија, туризам и нови можности
Хрватскиот премиер Пленковиќ јасно посочи дека економската соработка мора да стане подинамична. Трговската размена меѓу двете земји веќе достигнува околу 300 милиони евра, но оцената на двете влади е дека постои многу поголем потенцијал.
Во таа насока беше најавено и отворање нова авионска линија кон Охрид, со цел поголем број хрватски туристи да ја посетуваат Македонија. Според процените, годинава се очекуваат околу 50.000 туристи од Македонија во Хрватска, а амбицијата е тој број да расте во двата правца.
Туризмот, транспортот и инфраструктурното поврзување се препознаени како една од најбрзите можности за конкретни економски придобивки. За Македонија, која има потреба од нов економски циклус и засилување на регионалната интеграција, ваквите иницијативи можат да бидат значајна поддршка за подинамичен раст и развој.
Хрватска како европски сојузник
Сепак, најсилната политичка порака од Охрид беше поврзана со евроинтегративниот процес на Македонија. Пленковиќ отворено оцени дека е „неправда“ што Македонија веќе 25 години се соочува со блокади на патот кон Европската Унија и порача дека Загреб ќе продолжи активно да помага во деблокирањето на процесот.
Поддршката од Хрватска има тежина од повеќе причини. Таа е држава што заедно со Македонија го започна европскиот пат, но успеа да стане членка на ЕУ уште во 2013 година. Денес, Загреб не настапува само како пријател туку и како земја што има конкретно искуство со европските преговори и механизмите на Унијата.
Пленковиќ порача дека е важно прашањето со Софија постојано да биде отворено и низ дијалог да се бара решение. Истовремено, тој ги нарече процесите „важни, далекосежни и сериозни“, нагласувајќи дека политичките одлуки мора да ги носи македонскиот политички естаблишмент.
Јасните линии на разграничување и пораки на Скопје
Македонскиот премиер Мицкоски испрати јасна порака дека Македонија останува посветена на членството во ЕУ, но дека нема да прифати нови идентитетски отстапки како цена за продолжување на преговорите.
– Ако решението е повторно правење идентитетска отстапка, тогаш нема да го прифатиме и ќе чекаме, но нема да се откажеме од евроинтеграцијата – порача македонскиот премиер.
Со тоа Владата порача дека продолжува со реформите и европската агенда, но без дополнителни национални компромиси што во јавноста се доживуваат како понижувачки и непринципиелни.
Мицкоски потсети дека Македонија одамна го заслужила членството во Унијата, но дека процесот е претворен во билатерализација наместо во вредносен и реформски процес. Како аргумент ги наведе и позитивните оцени за Планот за раст, каде што Македонија, според него, станува предводник (frontrunner), како и подготвениот Акциски план за малцинствата, кој чека сигнал од Брисел.
Партнерство што може да има пошироко значење
Стратешкото партнерство со Хрватска доаѓа во чувствителен момент за Македонија, во период на европски застој, регионални геополитички турбуленции и економски предизвици. Токму затоа, ова приближување кон Загреб има значење што ги надминува рамките на класичната билатерална соработка.
Македонија добива уште еден силен европски глас што јавно застанува зад нејзината интеграција, но и партнер со кој може да гради конкретни економски, енергетски и безбедносни врски.
Доколку договореното добие практична реализација, охридската средба може да остане запаметена не само како дипломатски настан туку како почеток на едно подлабоко регионално партнерство што ќе ѝ помогне на Македонија полесно да се позиционира и политички и економски во новата европска реалност. П.Р.
Потсетување и на неодамнешната изјава на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ: „Доста беше понижување“ за Македонија
Хрватска повторно застана зад Македонија
Иако кохабитацијата меѓу хрватскиот премиер Пленковиќ и претседателот Милановиќ некојпат знае да е и поостра, тој феномен очигледно за политички прашања од високо значење за Хрватска е добар коректив за да се извлече една политичка резултанта што ќе биде најфункционална за државата и за хрватските граѓани.
Што се однесува на надворешнополитичкото прашање за Македонија, највисоките хрватски носители на јавната власт имаат унисон став за Македонија. Имено, поддршката што нашата земја ја доби од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Охрид не е изолиран политички гест, туку дел од еден поширок и континуиран хрватски став дека македонскиот евроинтегративен пат предолго е заложник на билатерални и идентитетски условувања.
За потсетување, само неколку месеци претходно, силни и директни пораки со поддршка на Македонија испрати и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој јавно оцени дека Европската Унија со години неправедно се однесува кон земјата и дека Македонија е изложена на политички понижувања какви што не треба да трпи ниту една земја кандидат. Милановиќ тогаш отворено предупреди дека постојаното отворање идентитетски прашања и условувања поврзани со историјата, јазикот и уставните измени претставуваат опасен преседан што ја поткопува довербата во европскиот проект. Според него, Македонија предолго е оставена во чекалницата на Унијата и покрај многубројните отстапки што ги направи во изминатите две децении.
Особено силен одек во македонската јавност предизвика неговата порака дека „на Македонија не смее бесконечно да ѝ се менуваат условите“, оценувајќи дека европската политика кон земјата станува непринципиелна и демотивирачка.
Во политички момент кога официјално Скопје повторно се соочува со барања што голем дел од јавноста ги доживува како нов удар врз националниот идентитет, поддршката од Хрватска добива дополнителна тежина. И Пленковиќ и Милановиќ, иако доаѓаат од различни политички опции, испраќаат речиси идентична порака – дека Македонија одамна заслужила да ги почне и заврши европските интеграции според јасни критериуми, а не преку постојани билатерални блокади.
Токму затоа новото стратешко партнерство меѓу Скопје и Загреб има значење што ја надминува класичната дипломатска соработка. Во услови кога некои од европските центри молчат, Хрватска се профилира како еден од најгласните и најотворени поддржувачи на македонската европска перспектива.
Пораката што доаѓа од Загреб е јасна – Европа не смее да бара од Македонија да се откаже од сопствениот идентитет за да стане дел од европското семејство. П.Р.

































