Фото: „Нова Македонија“

Во пресрет на протестот на студентите Албанци во врска со полагањето на правосудниот испит на службен македонски јазик

Тешки провокации, инсинуации, клевети и закани во врска со системот и функционирањето во нашата држава, Уставот и законите, но и напади за постоењето на унитарна Македонија и идентитетот на македонскиот народ, искажани од политичари од Албанија, Косово и од Македонија, кружат низ медиумскиот простор и општествените мрежи во последниве неколку дена во пресрет на вториот протест на студентите Албанци, кој е најавен да се одржи во Скопје денес, на 18 мај, со почеток во 16 часот и 30 минути.
По завршувањето на најавениот протест, откога „Нова Македонија“ како своја професионална обврска ќе го проследи настанот, ќе следуваат известувања за фактите и фактичката состојба, изјавите, декорот, говорите, поведенијата, пораките на настанот, но и други информации од јавен интерес.
А денес, во продолжение на текстов, регистрираме неколку покарактеристични изјави и становишта искажани во јавниот медиумски простор, во Македонија и во соседството, во врска со споменатиот настан, без наша дополнителна анализа или коментар.
1. Информативниот портал „Тетова сот“ ја пренесува изјавата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, кој упатува повик до меѓународната заедница да интервенира, заради „одбрана на албанскиот јазик“ во Македонија, која за него е „држава на два главни народа“.
– Албанскиот јазик е официјален јазик. Но без јазик ние немаме ништо. Ова е предизвик за албанскиот народ, но е предизвик и за иднината на земјата. Затоа, треба и меѓународната заедница да го одбрани албанскиот јазик, да ја одбрани и оваа држава со два главни етникума – наведе Бујар Османи.
2. Во своја статија, информативниот портал „Порталб“ од Скопје објави дека протестот е организиран под мотото „Обединете се со студентите – сите со еден глас“, заради „заштита на правото на употреба на албанскиот јазик на правосудниот испит“.
„Порталб“ напиша: „На барањето на студентите за поддршка позитивно одговорија разни личности од политичкиот и културниот живот низ целиот албански простор. Поранешниот косовски министер за надворешни работи и сегашен пратеник Енвер Хоџај изрази целосна поддршка за албанските студенти. Во јавна реакција, Хоџај нагласи: „Албанците во С. Македонија се државотворен чинител и гласот на студентите треба да биде слушнат, а правото на употреба на албанскиот јазик мора да се спроведе!“

Натаму, се наведува дека и пратеникот на Демократската партија во Албанија, Клевис Балиу, од говорницата на албанскиот парламент „упати јавен повик до сите Албанци да го поддржат протестот на студентите во С. Македонија“. – Албанските студенти од С. Македонија повторно ќе застанат на протест на 18 мај во одбрана на албанскиот јазик. За овој јазик Албанците водеа војна и ја лееја својата крв насекаде. Овој јазик ни припаѓа на сите нам и затоа и овој протест ни припаѓа на сите нам. Поради тоа, сите ние мора да застанеме на 18 мај во поддршка на албанските студенти во С. Македонија – посочи пратеникот Клевис Балиу.
Според „Порталб“, поддршка за студентите дојде и од Албанско-американската организација за С. Македонија, за која „барањето за употреба на албанскиот јазик е легитимно, граѓанско и морално право“. Оваа организација наведува дека „барањето за спроведување на правата што произлегуваат од законот и Уставот не може да се одбие, бидејќи тие се поврзани со идентитетот и постоењето на Албанците во С. Македонија“.
– Непочитувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик не е само административен прекршок туку законски прекршок што мора да се казни – наведува „Албанско-американската организација за С. Македонија“.
3. Информативната агенција „Илирија“-ИНА од Скопје објави дека барањето на студентите Албанци да полагаат правосуден испит на својот јазик „прераснува од административен проблем во поширок студентски бунт“!
Информативната агенција „Илирија“-ИНА од Скопје ја пренесува и пораката на градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, според кого, „албанскиот јазик не е привилегија, туку уставно и фундаментално право на секој Албанец во С. Македонија“.
– На 18 мај пред Камени мост во Скопјe студентите се креваат за да ги одбранат своето достоинство, идентитет и легитимни права. Ова не е само студентска битка туку национална и демократска кауза. Молчењето пред дискриминацијата е соучесништво. Затоа денес е време сите Албанци, без оглед на партијата, идеологијата или местото на живеење, да застанат покрај студентите и со еден глас да побараат: законот да се спроведува и албанскиот јазик да се почитува. Бидејќи каде што е негиран јазикот, идентитетот е негиран. И каде што идентитетот е негиран, самата еднаквост е загрозена. Приштина е со вас – објави Перпарим Рама на општествените мрежи.
4. Во својата колумна „Македонија – велосипед и џемпер од волна“, Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграција во Државниот универзитет во Тетово, користејќи, како што наведува, „две европски метафори“, со заканувачка интонација ѝ прогнозира распад на Македонија, ако не ја унапреди употребата на албанскиот јазик.

– Оваа земја продолжува да се соочува со меѓуетнички тензии, со политичка недоверба и со непрестајна идентитетска и институционална криза. Државата не се гради со негирање на идентитетот на другите или ако таа се третира како сопственост само на еден етникум. Македонија е како велосипед, кој ќе ја изгуби рамнотежата и ќе се урне кога ќе престане унапредувањето на правата на Албанците. Вистинската употреба на албанскиот јазик не е барање против државата, туку предуслов за нејзиното преживување и стабилност. Таа е и како еден волнен џемпер, кој ќе почне да се распаѓа влакно по влакно, ако не се закрпат исцепените дупки во него, применувајќи го принципот на граѓанската рамноправност – наведува овој универзитетски професор – „европски метафоричар“.
5. Весникот „ТемА“ од Тирана го пренесе повикот на поранешниот албански премиер и поранешен пратеник на Социјалистичката партија, Пандели Мајко, за „учество на протестот во поддршка на албанските студенти во С. Македонија“ за употреба на албанскиот јазик на правосудниот испит. Со невидена иронија и омаловажување кон Македонија како држава, Мајко „ја критикува изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за консултациите со Венецијанската комисија во врска со прашањето за албанскиот јазик“.
Притоа „ТемА“ пренесува: „Мицкоски изјави дека Венецијанската комисија ќе биде ’прашана‘ за употребата на албанскиот јазик! Државата што си ги смени своето име и знаме одлучи да ’праша‘ што да прави со децата на Албанците!“ – истакна тој. Според Мајко, студентскиот протест е повеќе од студентски бунт, тоа е битка за иднината и за правата на Албанците во С. Македонија.
– Протестот на албанските студенти во С. Македонија е отфрлање на системот, кој ја изгубил контролата врз себе и спроведувањето на законот! – порача Пандели Мајко.
6. Косовскиот политичар Рамиз Ладровци, кој е и еден од основачите на поранешната косовска УЧК, со статус и на „генерал на УЧК“, во објава на својот фејсбук-профил напиша дека „албанските студенти во Скопје не се сами“.
– Во нашата понова историја, од 1968, 1981 година до појавата на УЧК, студентите беа суштински актери за правата на Албанците каде и да живеат. Албанските студенти во Скопје на 18 мај уште еднаш ќе докажат дека никој не може да го презира албанскиот јазик, ниту да ги лиши Албанците од нивните основни права, од употребата на нивниот мајчин јазик. Законот за употреба на албанскиот јазик мора да се спроведува. Студентите во Скопје никогаш не се сами! – посочи Рамиз Ладровци. Неговата објава преку општествената мрежа ја пренесоа приштинска „Газета експрес“ во статијата „Албанските студенти не се никогаш сами“ и низа други албански медиуми од Косово и Балканот.
7. Телевизијата Топ ченел од Тирана во статијата „Протестот на албанските студенти во Скопје, Мицкоски се ‘предава’ и моли за трпение“ со забележлива нота на потценување и иронија пишува: „По предупредувањата од албанските студенти за одржување на нивниот втор протест на 18 мај во врска со барањето за полагање државни испити на албански јазик, премиерот Христијан Мицкоски прави чекор назад и моли за трпение. Тој изјави дека Владата работи на конкретно решение и инсистираше дека наскоро се очекува да биде претставен предлог во согласност со препораките на Венецијанската комисија и меѓународните стандарди. Но, досега, институциите не донеле конкретна одлука во врска со реализацијата на барањето на албанските студенти“. Р.Н.М.


Од политичката партија Вреди упатуваат повик до студентите да не дозволат да бидат изманипулирани

Вреди: Студентите се злоупотребуваат за политички цели

  • Од Вреди велат дека „правосудниот испит никогаш не се полагал на албански јазик“ и дека „претходните раководства имале можност да го решат тоа, но не го сториле“. „Кога имаа министри, пратеници, премиер, претседател на Собрание и целосна власт – не го решија. Сега студентите се злоупотребуваат за политички цели“, изјавуваат од Вреди. Оттаму упатуваат и повик до студентите да не дозволат да бидат изманипулирани и злоупотребени, при што најавуваат дека тие ќе работат на решавање на, како што велат, „отворените прашања“

Од партијата Вреди ја обвинија ДУИ дека се обидува да го инструментализира студентското незадоволство заради политички цели и враќање на власт.
– ДУИ е распадната. Не може да закрепне по казната што Албанците ѝ ја дадоа со гласањето на изборите. Затоа го прави она што отсекогаш го правела кога ѝ горела земјата под нозете – фрла камен и ја крие раката. По 20 години власт врз грбот на Албанците, со истите постојани кадри на врвот, оваа партија очајно се бори да се врати на власт. Како лицемери, заедно со неколку „студенти“ вовлечени во нивна политичка игра, се обидуваат да ги користат студентските протести како средство за враќање на власт – наведуваат од Вреди.
Оттаму додаваат дека правосудниот испит никогаш не се полагал на албански јазик и оти претходните раководства имале можност да го решат тоа, но не го сториле. „Кога имаа министри, пратеници, премиер, претседател на Собрание и целосна власт – не го решија. Сега студентите се злоупотребуваат за политички цели“, стои во реакцијата.
Од Вреди упатуваат повик до студентите да не дозволат да бидат злоупотребени и најавуваат дека тие ќе работат на решавање на, како што велат, „отворените прашања“. Р.Н.М.


Умејр Мухамеди: Благодарам на сите за позитивните коментари кои ми ги праќате секојдневно!

  • Првата поделба е на луѓе и нелуѓе (по карактер, а не само по биологија). Втората поделба ги одразува правната и политичката поврзаност на поединецот со државата (националноста) – по националност сме Македонци! Македонскиот јазик е прв службен јазик во Македонија. Секој друг службен јазик може да се користи, но познавањето на првиот службен јазик е задолжително и секој треба да го знае

Адвокатот и поранешен советник во Град Скопје, Умејр Мухамеди, преку социјалните мрежи испрати силна порака за статусот на македонскиот јазик како прв службен јазик во Македонија.
– Македонскиот јазик е прв службен јазик во Македонија. Секој друг службен јазик може да се користи, но познавањето на првиот службен јазик е задолжително и секој треба да го знае. Ако некој не сака да го научи, нека не го научи, но последиците за непознавањето ќе ги трпи сам и за тоа нема да му биде крив никој – напиша Мухамеди на Фејсбук.
Тој се осврна и на поделбите во општеството, апелирајќи да не се нанесува меѓусебна штета со начинот на кој се однесуваме.
– Благодарам на сите за позитивните коментари кои ми ги праќате секојдневно! Првата поделба е на луѓе и нелуѓе (по карактер, а не само по биологија). Втората поделба ги одразува правната и политичката поврзаност на поединецот со државата (националноста) – по националност сме Македонци. Третата поделба се однесува на културолошката поврзаност на поединецот со одредена заедница (етничката припадност), по етничка припадност можеме да бидеме Албанци, Македонци, Турци, Роми итн. Како и да е, мораме да одиме по редослед, односно да бидеме луѓе (биологија) што рационално размислуваат, (филозофија) кои како дел од општеството се однесуваат на начин на кој со нивното однесување нема да му наштетат на другиот. (Морал) Сѐ друго е безвезе муабет, емоција, политика, хипокризија, искривени вредности итн. – наведува Мухамеди во објава на Фејсбук. Р.Н.М.