Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад воведе нови правила за кибербезбедност во енергетскиот сектор, кои ќе важат за системите за производство, складирање, пренос и дистрибуција на електрична енергија, пренесе МИА.
Со новата регулатива, РКЕ ја зајакнува својата улога во заштитата на енергетската инфраструктура од кибернапади и технолошки ризици, со цел обезбедување поголема сигурност, стабилност и доверба во енергетскиот систем.
Правилата ќе се применуваат за операторите и компаниите што управуваат со критична енергетска инфраструктура, меѓу кои се МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, снабдувачите со електрична енергија, големите производители, операторите на складишта за електрична енергија, НОМАГАС, како и операторите на системите за дистрибуција на гас и постројките за производство на водород и биогас.
Станува збор за подзаконски акт усогласен со европските стандарди, преку кој се воведуваат нови протоколи за управување со ризици, кризни ситуации и киберинциденти. Компаниите ќе имаат обврска да воспостават системи за известување при значајни кибернапади, планови за закрепнување, резервни копии на податоци и програми за обука и подигање на свеста кај вработените.
Според роковите предвидени со правилникот, енергетските компании ќе треба во рок од 30 дена да назначат службеник за кибербезбедност, во рок од шест месеци да формираат специјализирани тимови, а најдоцна за една година да изготват процена на ризици и планови за заштита и закрепнување при евентуален кибернапад.
Од РКЕ посочуваат дека новите правила претставуваат целосно нов регулаторен пристап – од класична техничка заштита кон управување со ризици што се од национално значење.
































