Фото: ЗОО Скопје

Агенцијата за храна и ветеринарство со вонреден испекциски надзор ќе проверува дали заловеното животно ноќеска во скопската населба Козле е волк или куче.
Од скопската Зоолошка градина ноќеска информираа дека бил забележан волк кој бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче.

По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенирало МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, па волкот бол успешно и безбедно заловен. Потоа, на социјалните мрежи и дел од медиумите се појавија информации дека станува збор за куче и дека сопственикот си го бара животното.

Од АХВ велат дека тие не дале таква изјава и најавија вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина во Скопје за да се утврди за какво животно станува збор.

– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги демантира наводите објавени во неколку интернет портали дека АХВ дало изјава во врска со вчера вечер заловеното животно во скопската населба Козле, за кое се претпоставуваше дека е волк, односно дека истото е домашен миленик – куче, кое е чипирано и кое сопственикот бара да му биде вратено – велат од АХВ.

Оттаму додаваат дека официјални ветеринари ќе извршат контрола во ЗОО-Скопје.

– Од страна на официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус – соопшти АХВ.