Бугарското Народно собрание денеска ја избра новата влада предводена од Румен Радев, лидер на партијата „Прогресивна Бугарија“, по повеќечасовна и тензична парламентарна расправа.
За изборот на Радев за премиер гласаа 124 пратеници, додека 70 беа против, а 36 воздржани. Поддршката дојде од пратениците на „Прогресивна Бугарија“, додека опозициските партии ДПС, Демократска Бугарија, Продолжуваме со промените и Преродба гласаа против. Пратениците од ГЕРБ–СДС беа воздржани, пренесе „Ројтерс“.
Парламентот потоа ја усвои и структурата на новиот Министерски совет, како и персоналниот состав на владата. Новите министри положија свечена заклетва во парламентот, по што беа интонирани химните на Бугарија и Европската Унија.
Новата влада ќе има 18 министри и четворица вицепремиери. Дел од реформите предвидуваат и спојување на Министерството за електронско управување со Министерството за иновации и раст, со цел намалување на администрацијата и поефикасна работа на институциите.
Во своето обраќање пред пратениците, Радев истакна дека главни приоритети на владата ќе бидат стабилизација на економијата, намалување на буџетскиот дефицит, контрола на растот на цените, судски реформи и деблокирање на европските средства од Планот за закрепнување и отпорност.
– Првпат по многу години избравме претседател на парламентот бргу и без вообичаени скандали. Бугарските граѓани очекуваат овој конструктивен дух да продолжи и парламентот да не произведува нови скандали – изјави Радев.
Тој нагласи дека владата се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои растечките цени, недостигот од реформи, буџетските проблеми, глобалната економска и енергетска криза и ескалацијата на меѓународните конфликти. Според него, приоритетни задачи ќе бидат усвојувањето на буџетот, обезбедувањето на исплатите од планот за закрепнување и отпорност, како и изборот на нов Висок судски совет и Инспекторатот кон него.
Радев истакна дека неговата влада ќе смета на „конструктивната опозиција“, нејзиното искуство, критики и алтернативни предлози. Тој оцени и дека квалитетот на законодавството во последните девет години е нарушен поради преголем број законски предлози што го одвлекуваат вниманието од суштинските теми.
Во составот на новата влада, покрај Радев, влегуваат и Иван Демерџиев како министер за внатрешни работи, Димитар Стојанов за одбрана, Велислава Петрова-Чамова за надворешни работи, Николај Надејнов за правда, Иван Василев за иновации и дигитална трансформација, Ива Петрова за енергетика, Георги Пеев за транспорт и врски, Иван Шишков за регионален развој, Росица Карамфилова за животна средина, Пламен Абровски за земјоделство, Наталија Ефремова за труд и социјална политика, Катја Ивкова за здравство, проф. Георги Волчев за образование, Евтим Милошев за култура, Илин Димитров за туризам и Енчо Кирјазов за млади и спорт.






























