Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека појавата на хантавирус на крузерот „Хондиус“, при која починаа три лица, во оваа фаза не претставува почеток на епидемија или пандемија.
Марија Ван Керхове, раководителка на Одделот на СЗО за превенција и подготвеност за епидемии и пандемии, на прес-конференција во Женева изјави дека ситуацијата не треба да предизвикува паника, но претставува потсетник за значењето на вложувањата во истражување на вакви патогени.
-Ова не е почеток на епидемија, ниту пандемија, но е важна можност да се потсетиме дека терапиите, тестовите и вакцините спасуваат животи – изјави Ван Керхове.
Од СЗО посочуваат дека ширењето на вирусот може да остане ограничено доколку државите навремено ги применуваат мерките за јавно здравје и покажат меѓусебна солидарност. Сепак, организацијата предупреди дека не се исклучува можноста за појава на нови случаи.
Крузерот МВ „Хондиус“, кој пловел на релација Аргентина – Капо Верде, се најде во фокусот на меѓународната јавност откако СЗО во неделата соопшти дека тројца патници починале, а постои сомневање дека биле заразени со хантавирус.































