Ракометен репрезентативец и првак на Македонија во крос: Никола Матовски

Од ракометното минато (20)

  • Првиот дел од дебито во елитната лига на поранешна Југославија, Работнички го заврши на седмото место. Трите победи и едното реми не можеа да ги задоволат ниту гледачите ниту стручниот штаб

Во ракометниот спорт во Македонија, 1958 година ќе биде забележана како година во која републиката во името на Работнички го доби првиот прволигаш. Тоа беше голем успех, зашто малиот ракомет експресно се појави на спортската сцена и конкуренцијата беше мошне силна. Скопјаните откако претходната година во првиот обид не успеаја, сепак, во вториот токму во оваа година станаа членови на Првата сојузна лига. Радоста беше голема, но, исто така, и стравувањата дали Работнички, за кој пласманот во елитата ќе биде голем залак, успешно ќе се носи со поискусните ривали.
Почетокот на натпреварите, како што е вообичаено за секој нов член на најсилните лиги, без оглед за кој спорт станува збор, носи многу неизвесности, дури и страв дали ќе се успее или, пак, тоа влегување во елитата ќе донесе разочарување. Истото тоа важеше и за новиот македонски ракометен прволигаш.

Тешко е, ама нема предавање

Скопјани, предводени од вечниот оптимист Славко Матовски, кој во својата кариера помина низ многу искушенија и неизвесности, тргнаа по патот што сами го посакуваа. Заиграа во Првата лига, за која организациски не беа најподготвени, клубот немаше сопствено игралиште, а и секогаш беше во еден финансиски дефицит. Но кога веќе се најдоа меѓу прволигашите, мораше да се игра. Впрочем, тоа беше обврска и кон спортската публика, не само во Скопје туку во цела Македонија. Но кога веќе говориме за првата полусезона од настапите во Првата лига, мора да кажеме дека, иако не беше спектакуларна, сепак, беше коректна. Можеби можеше да се постигне нешто повеќе од оние три победи и едното реми, но за еден новолигаш и ова беше задоволително. Сепак, оние пет порази им тежеа и на играчите и на навивачите, па затоа во паузата требаше да се загризе максимално, за да се крене формата на тимот. Меѓутоа, за да се оствари целта и да се остане во Првата лига, требаше многу повеќе да се ангажираат и раководните луѓе во клубот. Постоеше опасност некои од оние што на свој грб го носеа сиот товар да се повлечат. За среќа, до тоа не дојде, а откако видоа што значи РК Работнички за спортот во Скопје, за него се заинтересираа и градските фактори, па така, во нешто подобри услови се очекуваше продолжението на првенството.
Инаку, покрај прволигашките обврски, Работнички одговори и на оние што беа од локален карактер. Екипата учествуваше на Градското првенство, кое го заврши без ниту еден пораз, а ги освои првите места и на традиционалните турнири на ЦК на Народната младина на Македонија и турнирот на ЈНА, кој секоја година се одржуваше по повод Денот на армијата, 22 Декември. Сите тие настапи го сторија своето и за РК Работнички може да се каже оти беше една од најактивните спортски екипи во Скопје. Впрочем ова го потврдува и билансот на одиграните натпревари, вкупно 50, во кои забележа 27 победи, одигра шест нерешени средби и доживеа 17 порази. Вкупната гол-разлика беше 706-531.

Младиот Томановиќ имаше најмногу настапи

Многу интересно ќе биде да се прочешла и тренерскиот дневник, кој прецизно и во детали ја отсликува целокупната ситуација околу ангажираноста на ракометарите. Според него, еден од најредовните на тренинзите и на натпреварите беше играчот од помладата генерација, Теофил Томановиќ-Тофо. Тој беше многу талентиран и амбициозен ракометар, кој благодарејќи на квалитетните игри подоцна стигна и до репрезентацијата на Југославија. Тофо им стана и миленик на гледачите, па често по победите тие на раце го изнесуваа од теренот. Тоа беше, морам да кажам, едно време кога целиот град живееше со своите пулени.
За квалитетите на Томановиќ зборува и една изјава на долгогодишниот селектор на репрезентацијата на поранешна Југославија, Иван Сној. Тој, меѓу другото, рече: „Томановиќ прекуноќ стана едно од најдобрите крила во Првата лига, многу е брз и противничките играчи тешко можат да го сопрат. Кога од крилната позиција ќе дојде до шесте метри, успева да се извлече и просто е недопирлив за своите чувари. Голманите, пак, мака мачат да оценат каде ќе ја пласира топката. Неговиот ефе-удар им создаваше големи проблеми“.
Но кај Тофо не беше во прашање само талентот. Тој навистина беше битен, но него го красеа и многу други особини, кои придонесоа да израсне во голем играч. Тука пред сѐ би ги споменал дисциплината и настојчивоста. Тофо припаѓаше на онаа категорија спортисти што кога ќе зацртаа некоја цел целосно се вложуваа за да ја остварат. Сепак, за неговиот напредок и развој голема заслуга имаше и Славко Матовски, кој кога забележа со какви квалитети располага и колку е амбициозен, веќе немаше дилема и за него постојано имаше место во првата постава. Тоа, пак, за еден млад играч значеше голем импулс за уште поангажирано да им се посвети на тренинзите. Неговото место постојано беше во првата постава, но за да се издигне до играч со репрезентативни квалитети многу му помогнаа и искусните соиграчи Миле Кратовалив и Зафир Куновски.
За во куси црти да го прикажам Томановиќ како играч малку се оддалечив од статистиката, но и кога се враќам на неа, повторно се појавува Тофо. Токму таа статистика покажува дека тој беше единствен играч што беше присутен на сите тренинзи, 81 заеднички и 27 поединечни, а одигра и најмногу, дури 49 натпревари, два повеќе од Миле Кратовалиев и пет од Никола Матовски. Според тренерскиот дневник на Матовски потоа, според бројот на настапите следуваат Загорац 40, голманот Ѓукиќ 37, Јелачин 35, Куновски 32, но тој беше најефикасен со 129 гола, а Томановиќ беше втор стрелец со 115 погодока. Кратовалиев беше стрелец на 105, Никола Матовски на 100, Загорац постигна 58, Јелачин 53, Зарков 27… Меѓутоа, да споменам нешто што старите љубители на ракометот го знаат, а тоа е дека Славко Матовски не беше само тренер туку беше и активен играч, кој даваше голем придонес во играта на Работнички. Впрочем и 43-те гола што ги постигна во првата полусезона од првата прволигашка година го потврдуваат тоа.

Никола со 19 години сениорски репрезентативец

Во паузата од натпреварите во Првата лига во Работнички стигна едно големо признание за еден од најмладите првотимци Никола Матовски. Тој иако имаше само 19 години беше повикан да ги брани боите на сениорската репрезентација на Југославија на двомечот со Австрија во Виена. Така, Никола стана четвртиот член на Работнички што го облече националниот дрес. Пред него боите на сениорската репрезентација ги бранеа Славко Матовски, Драган Геровски и Зафир Куновски. Првите двајца настапуваа пред сѐ за репрезентацијата во голем ракомет, но на некои неофицијални средби се појавуваа и во дресот на репрезентацијата во мал ракомет.
Инаку, што се однесува, пак, до Никола, тој според новинарските извештаи од Виена ги исполнил очекувањата на стручниот штаб. Една ваква вест ги зарадува не само луѓето од Работнички туку и многубројните навивачи. Впрочем, познавајќи го него и игрите што ги прикажуваше во дресот на Работнички, никој не се сомневаше оти ќе има успешно деби и во националниот тим. Оваа верба кај сите љубители на ракометот се темелеше на извонредните игри на Никола Матовски на позицијата лево крило, во текот на првиот дел од натпреварите во Првата лига. Инаку, Коле и Тофо беа препознатлив скопски тандем, кој знаеше да внесе голем немир и паника во секоја противничка одбрана. Двајцата беа многу брзи, па така, голманите, пред сите Ѓукиќ, кој беше стандарден во времето кога скопјаните ги правеа првите прволигашки чекори, во душа ги познаваше двајцата и често ги проигруваше во моментите кога тргнуваа во противнапад. Така, контрите, со кои беа загрозувани противничките голмани, станаа специјалност на Работнички.
Што се однесува, пак, до „железничарите“, тие не мируваа и во паузата на прволигашките натпревари имаа многу активности. Некои од нив споменав погоре, но овој текст да го завршам со два многу значајни триумфа. Работнички го освои републичкото првенство, а беше победник и во Купот на Македонија. Повеќето од играчите настапија и за студентската репрезентација, која учествуваше на државното студентско првенство што се одржа во Скопје.
Со оглед на тоа што во СД Работнички имаше многу сестрани спортисти (тоа го пишував и порано во овој серијал) некои се натпреваруваа не само во матичниот туку и во другите спортови што се негуваа во друштвото. Од сите нив, интересно е да се спомене дека „новопечениот“ сениорски репрезентативец во ракомет Никола Матовски беше победник и на републичкиот атлетски крос што се одржа во Градскиот парк во Скопје.
Така, со многу ангажмани со добри резултати и победи, некогаш и со порази, во оваа 1958 година ракометарите на Работнички ја прославија десетгодишнината од своето постоење.