Фото: МВР/илустрација

С.Р. (45), вработен во Секторот за општи и заеднички работи на Министерството за внатрешни работи, е приведен откако бил фатен како вози во спротивен правец и агресивно се однесувал кон полициски службеник.

Инцидентот се случил на крстосницата меѓу улиците „Јордан Мијалков“ и „Димче Мирчев“ во Скопје, каде што полицаец вршел физичка регулација на сообраќајот.

Според информациите од МВР, возачот управувал патничко возило „мерцедес“, се движел во спротивна насока и претекнувал колона возила. По неговото запирање, одбил да покаже лична карта, тврдејќи дека е вработен во МВР.

– Откако му бил побаран документ за идентификација, лицето почнало агресивно да се однесува и да упатува закани кон полицискиот службеник – информираат од МВР.

По инцидентот, С.Р. бил приведен, а за случајот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Против него се поднесени соодветни поднесоци за повеќе прекршоци, меѓу кои за непочитување на сообраќајните правила, нарушување на јавниот ред и мир и непоседување лична карта.