Фото: „Нова Македонија“

Проблемите со заматената вода за пиење во Струга отворија сериозни прашања за функционирањето на водоснабдителниот систем, откривајќи дека општината со години не ги исполнувала законските обврски.

ЈП „Водовод и канализација“ од Струга, и покрај законската обврска од 2008 година, не плаќало надомест за користење на водата од изворот Шум. Како што информираат од Министерството за животна средина на брифинг со новинарите, дури сега, откако им е укажано, е поднесено барање за дозвола за користење на водата – постапка што сè уште е во тек.

Засега нема одговор зошто обврската не се почитувала речиси две децении, ниту како ќе се наплати долгот. Од институциите најавуваат дека е можно и отворање постапка од страна на Обвинителството.

Во изминатите години, Струга ја водеа Рамиз Мерко, Зијадин Села, а актуелен градоначалник е Менди Ќура.

Од Општина Струга велат дека е започната постапка за конечно регулирање на користењето на изворот. Планирано е јавното претпријатие да добие законско право за користење на водата, а подрачјето околу изворот да биде прогласено за заштитена зона.

Прашањето за евентуалниот долг ќе се разгледува дополнително, откако ќе се решат приоритетите – безбедноста и квалитетот на водата.

Во меѓувреме, општинскиот совет побара итна истрага за нелегалниот ископ во заштитната зона на изворот, како и утврдување на еколошката штета и можните ризици по здравјето на населението. Надлежните институции се задолжени да преземат мерки, а јавното претпријатие да воспостави систем за контрола и мониторинг на квалитетот на водата.