Да гарантирам радикална отчетност и транспаретност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин е она што јас сакам да го направам, изјавил за МИА Ненад Савески, кој денеска чека да биде изгласан од Собранието за нов државен јавен обвинител.
– Меѓу другото, и она што често се коментира, е да се обезбедат финансиски средства, иако акцентот се става на платите, тие не се најголемиот проблем, туку тоа се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал – вели Савески.
Најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп-систем“.
– Таа дигитализација можеби би била некоја програма која би била „фиока стоп-систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на Обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали нестостига помошен кадар за јавните обвинители – вели, меѓу другото, Савески.
Тој не сака да издвојува ни предмет со кој би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител, бидејќи, како што нагласува, за него сите се еднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но додава дена „нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа“.


































