Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека преговорите поврзани со војната во Украина моментално се во застој, бидејќи САД се фокусирани на други приоритети, особено на конфликтот на Блискиот Исток.
– Во преговорите навистина има пауза. Американците имаат други приоритети и тоа е разбирливо – изјави Песков.
Тој оцени дека европските држави прават грешка со тоа што го охрабруваат Киев да продолжи со воените дејствија против Москва.
– За жал, Европејците ги насочуваат своите напори кон убедување на Украинците да ја продолжат војната. Убедени сме дека тоа е погрешен пристап од аспект на нивната сопствена иднина – посочи Песков.
Портпаролот на Кремљ истакна и дека Русија бележи напредок на фронтот, но дека и понатаму е подготвена за дипломатско решение на конфликтот.
– Динамиката на фронтот е позитивна за нас. Напредуваме и се приближуваме кон остварување на нашите цели. Сепак, како што нагласи претседателот Владимир Путин, Русија останува отворена за дипломатско решение – рече Песков.
Тој додаде дека, според Москва, европските земји во моментот не покажуваат доволна подготвеност да придонесат кон мировниот процес.































