Вкупно 14 случаи на семејно насилство се евидентирани изминативе денови низ државата, при што четири лица се лишени од слобода, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
Во гостиварско село, полициски службеници од ОВР – Гостивар денеска го лишиле од слобода 21-годишниот А.Р., постапувајќи по пријава од неговата 23-годишна невенчана сопруга. Според пријавата, тој агресивно се однесувал и физички ја нападнал, при што употребил и остар предмет.
Во ОВР – Гостивар биле регистрирани уште две пријави за семејно насилство. Триесет и петгодишна жена од Кичево пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг ѝ упатувал закани и агресивно се однесувал кон неа, додека 44-годишна жена од гостиварско пријавила дека била физички нападната од својот брат по претходно недоразбирање.
Во Тетово, 21-годишник пријавил дека неговиот татко агресивно се однесувал во семејниот дом, кршел предмети и им упатувал закани на членовите на семејството, барајќи пари. Во Охрид, пак, било пријавено дека две лица агресивно се однесувале и физички ја нападнале нивната снаа.
Во Кавадарци, полицијата привела 65-годишен маж кој, според пријавата, во домот физички ја нападнал својата 64-годишна сопруга.
Повеќе случаи на семејно насилство се регистрирани и на подрачјето на Скопје. Меѓу нив се пријави за физички напади меѓу сопружници и вонбрачни партнери, како и случаи на закани и агресивно однесување во семејните домови.
Во еден од случаите, 31-годишен скопјанец бил лишен од слобода по пријава дека физички ја нападнал својата бремена 30-годишна сопруга. Во друг случај, 68-годишен маж бил приведен поради закани со остар предмет кон неговиот 35-годишен син.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.































