КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Веќе утре во Куманово (17 ч.) Македонија ќе има можност да ѝ се реваншира на Белгија во 4. коло и на тој начин да ги продолжи шансите за пласман на ЕП 2026. Пласман на ЕП обезбедуваат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните
Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа и третиот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава и со тоа направи чекор назад на патот кон осмото учество на едно ЕП, трето во низа. Овој пат црвено-жолтите загубија на гости од Белгија со 25-26. Македонките добро го отворија првото полувреме и го добија со 16-15, а во почетокот на второто двапати ја имаа и највисоката предност од четири гола, но Белгија направи пресврт и ги впиша своите први бодови. Во вториот натпревар од оваа група, Германија на гости ја совлада Словенија со 30-23 и е прва на тaбелата со максимални шест бода.
Најефикасна ракометарка во македонските редови беше Јована Кипријановска, со седум гола од 10 обида, а кај Белгијките Мунија Смитс, со 11 погодоци од 16 шута. Веќе утре во Куманово (17 ч.) Македонија ќе има можност да ѝ се реваншира на Белгија во 4. коло и на тој начин да ги продолжи шансите за пласман на ЕП 2026. Пласман на ЕП обезбедуваат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните. По средбите од 3. коло одиграни во средата, три репрезентации, Германија, Шведска и Шпанија, имаат стоотстотен ефект. Г.И.
ГРУПА 3
Белгија – Македонија 26-25
Словенија – Германија 23-30
Македонија – Белгија утре, 17 ч.
Германија – Словенија недела, 15.30 ч.
ТАБЕЛА
Германија 3 3 0 0 104-62 6
Словенија 3 2 0 1 80-72 4
Белгија 3 1 0 2 69-94 2
Македонија 3 0 0 3 63-88 0
































