КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Македонската кошаркарска репрезентација забележа значајна победа на дуелот со Луксембург со 79-70, во 3. коло од претквалификациите за пласман на ЕП 2029, а пред денешното гостување во Баку (17 часот). По три кола, Македонија е прва во групата А со три победи. „Сега фокусот е на она што следува, а тоа е дуелот со Азербејџан и очекувам уште подобро наше издание во Баку“, вели репрезентативецот Ефремовски
Победата на натпреварот со Луксембург е важна за почетокот на овој проект. Не смееме да заборавиме дека бевме заедно само четири дена, што не е лесно и за мене како тренер и за тимот. Имаше добри работи, како трчањето и одбраната. Но имавме и падови во играта што не смеат да ни се повторат. Им честитам на играчите поради тоа што немавме доволно време да се вклопиме. Сакам да играме добра одбрана, не е лесно да се игра 40 минути на тоа ниво, но тоа е нашата цел. Задоволен сум од пристапот на играчите, оти главно го исполнија она што го побарав од нив. Треба само да го зголемиме бројот на добри минути во играта, да ја движиме подобро топката и да играме како тим, а не индивидуално, рече новиот селектор на Македонија, Шпанецот Жозеп Мариа Берокал, по успешното деби на репрезентативната клупа.
Во реновираната спортска сала „Градски парк“ во Скопје, македонската кошаркарска репрезентација забележа значајна победа на дуелот со Луксембург со 79-70, во 3. коло од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029, а пред денешното гостување во Баку (17 часот), на втора средба со Азербејџан, кој во ова коло победи на дуелот со Република Ирска, на гости, со 76-75. На првиот дуел, во Скопје, во салата „Кале“, црвено-жолтите славеа со 87-49. По три кола, Македонија е прва во групата А со три победи.
На средбата со дотогаш непоразениот Луксембург, двоцифрен број поени постигнаа Андреј Јакимовски, 17, Етан Хап, 15, Виктор Ефремовски, 13. Капитенот Војдан Стојановски постигна девет поени… Кај гостите доминираше Бен Ковач со 20 поени.
– Немавме многу време за работа со селекторот, но тој паметно го искористи секој момент и резултатот што го постигнавме за само неколку дена е за почит. Одиме напред, чекор по чекор. Задоволен сум од мојата игра и од играта на другите, сите вложивме голем труд. Сега фокусот е на она што следува, а тоа е дуелот со Азербејџан и очекувам уште подобро наше издание во Баку – вели Ефремовски.
Победникот на секоја од трите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите на ЕП 2029. Г.И.
Војдан Стојановски влегува меѓу македонските великани
На денешното гостувањето во Баку, на средбата со Азербејџан, во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година, капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски (38), ќе влезе во историјата на македонската кошаркарка, односно ќе биде прв кошаркар со 90 настапи на официјални мечеви за репрезентацијата на Македонија. Според статистиката на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), настапот на средбата со Луксембург беше 89-ти за Стојановски за Македонија, со што тој се израмни на првото место со Тодор Гечевски. Стојановски играше на европските првенства во 2009, 2011, 2013 и во 2015 година и во овој момент тој е и четврти стрелец во историјата на македонската репрезентативна кошарка. Со деветте поени на средбата со Луксембург стигна до бројката од 881, па веќе на мечот против Азербејџан може да го надмине Гечевски, кој има 891 кош и да стане трет стрелец во македонската историја. Доколку го стори тоа, пред него ќе останат само уште Врбица Стефанов со 947 и Петар Наумоски со 1.040 коша, пишува Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Г.И.
ГРУПА А
Македонија – Луксембург 79-70
Република Ирска – Азербејџан 75-76
Азербејџан – Македонија 17 ч.
Р Ирска – Луксембург 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 3 3 0 254-195 6
Луксембург 3 2 1 354-246 5
Република Ирска 3 1 2 215-257 4
Азербејџан 3 0 3 228-253 3































