Фото:Принтскрин

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, упати повик до земјите од Блискиот Исток да ја преземат, како што рече, својата „историска одговорност“ во спротивставувањето на Израел, по најновите воени дејствија на САД и Израел.

Во телефонски разговори со шефовите на дипломатиите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин и Ирак, Арагчи предупредил дека, според него, „наметнатата војна“ од страна на САД и Израел претставува закана за целиот регион, а не само за Иран. Како што пренесува ИРНА, тој нагласил дека сите муслимански држави имаат одговорност да се спротивстават на, како што рече, „злото кое потекнува од Израел“.

-Иран ќе ги користи сите свои одбранбени капацитети за да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет – порача Аракчи и додаде дека „каква било помош за САД и Израел во извршувањето на агресијата против Иран мора да биде спречена“.

Во објава на платформата Х, Арагчи остро ги критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

-Војната на Нетанјаху и Трамп против Иран е целосно неиспровоцирана, нелегална и нелегитимна. Трамп го претвори „Америка прва“ во „Израел прв“ – што секогаш значи „Америка последна“. Нашите моќни вооружени сили се подготвени за овој ден и ќе им ја одржат лекцијата што ја заслужуваат на агресорите – напиша Арагчи на Х.

Во меѓувреме, американските сили и израелските воздушни напади погодија делови од централниот дел на Техеран и други градови во Иран.

Како одговор, иранските власти соопштија дека силите на Револуционерната гарда ја започнале операцијата „Одмазда“, при што биле нападнати американски воени бази во Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, како и цели на израелска територија. Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека целта на овие акции е заштита на американските интереси и националната безбедност.