Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2025 година изнесувала 46.889 денари, што претставува раст од 7,6 проценти во споредба со декември 2024 година – соопшти Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци, зголемувањето на нето-платата најмногу се должи на порастот во неколку клучни сектори. Така, во секторот Транспорт и складирање е евидентирано зголемување од 13,4 проценти, во Земјоделство, шумарство и рибарство од 10,9 проценти, додека во секторите Трговија на големо и трговија на мало; Поправка на моторни возила и мотоцикли, како и во Образование, растот изнесува 9,7 проценти.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано и во Транспорт и складирање со раст од 12,8 проценти, Рударство и вадење на камен со 9,0 проценти, како и во Градежништво со 7,0 проценти.
Во исто време, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во декември 2025 година изнесувала 70.520 денари.

































