Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
– Тоа е голема грешка – рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
– Колку сме посилни, толку пореален станува мирот – рече тој.





























