11 февруари е Меѓународниот ден на учество на жените и девојките во науката, воспоставен од Обединетите нации. Овој ден има за цел да промовира целосен и еднаков пристап и учество на жените и девојките во научните и технолошките иновации. Од основањето на Народна Република Кина, каузата на кинеската жена е тесно поврзана со развојот и напредокот на земјата. Генерации жени придонесоа за градењето и подмладувањето на нацијата. Во големиот скок на Кина од издигнување, просперирање, до станување на силна држава, статусот на кинеските жени претрпе огромни промени. Меѓу овие промени, сè поголем број кинезинки се посветија на научните и технолошките иновации, вметнувајќи ја источната мудрост во напредокот на глобалната наука и технологија.
Денес, Кина има околу 40 милиони жени научнички и истражувачки, што претставува повеќе од 45 проценти од вкупниот научен и технолошки персонал во земјата. Жените водат повеќе од 6.000 клучни национални проекти за истражување и развој, кои опфаќаат големи проекти како што се брзите железници и големите авиони, како и биомедицината и вештачката интелигенција. Ту Јоујоу, водечка научничка во Кинеската академија на кинески медицински науки, го предводеше својот тим во откривањето на артемисининот, моќен лек против маларија кој спаси милиони животи низ целиот свет и ја направи првата кинеска научничка, која работи во Кина, добитничка на Нобелова награда. Лиу Јанг, првата жена астронаутка во Кина, Ванг Јапинг, првата кинезинка што направи вселенска прошетка, и Ванг Хаозе, првата жена инженерка за летање што влезе во кинеската вселенска станица, ја демонстрираа извонредната сила на кинеските жени во вселената. Лианг Џианјинг, главна научничка во CRRC, посвети речиси 20 години на технологијата за брзи железници. Од Фусинг возот-куршум со комерцијална брзина од 350 километри на час до брзиот маглев систем од 600 километри на час, таа постојано го освежува разбирањето на светот за брзината на Кина. Академик Ванг Сиаојун, криптографка која ја освои наградата „Жени во науката“ за 2025 година, помогна во развојот на стандарди за хеш-функции од нова генерација, кои се широко користени кај банкарските картички, компјутерската безбедност и е-трговијата. Преку нивните извонредни достигнувања и инспиративни животни приказни, тие охрабруваат што повеќе жени да се стремат кон раст и достигнувања и да придонесат со својата женска моќ за глобалниот научен и технолошки напредок.
За да се разбере посветеноста на Кина кон развојот на жените, мора да се навлезе подлабоко во историјата и да се препознае неразбирливата трансформација што ја претрпе нашето општество. Со векови, кинеските жени биле подложени на практики како што е врзувањето на стапалата, болен симбол на потчинување што физичкиги ограничувало. Тие во голема мера биле ограничени само на домот, нивните гласови биле замолчени, а нивниот потенцијал нереализиран.
Основањето на Народна Република Кина во 1949 година означило пресвртница. Државата експлицитно изјави дека „жените држат половина од небото“, моќна метафора што оттогаш претставува водич за нашата национална политика. Законот за брак од 1950 година беше револуционерен чекор, со кој се забранија договорените бракови и им се даде на жените право на развод и право на поседување имот. Ова не беше само правно реструктуирање, тоа беше општествен земјотрес што почна да ги разградува милениумите патријархални структури. И секако, политиката на реформи и отворање кон светот усвоена на крајот на 1979 година навистина е пресвртница.
Родена сум и израсната во обично семејство во покраината Сичуан. Кога бев млада, моето семејство не беше добро ситуирано, немав ни своја соба ни биро. Во тоа време, основни работи како храна и облека беа сериозен предизвик во огромната рурална Кина, каде што над 90 проценти од руралното население живееше во сиромаштија. Благодарение на повеќе од 40 години реформи и отворање кон светот, Кина еволуираше од земја со огромна сиромаштија во втора најголема економија во светот. Стотици милиони луѓе се извлечени од сиромаштија. Длабоки промени се случија во сите области. Напредокот на нацијата им овозможи на милиони обични луѓе како мене да ги остварат своите соништа преку вредно работење. Сè уште јасно се сеќавам дека кога го напуштив Сичуан за да одам на студии во Пекинг, патувањето со воз траеше три дена и две ноќи. Денес, истото патување од речиси 1.000 километри трае помалку од три часа со брза железница. Овие промени го олицетворуваат извонредниот развој на Кина и отворија огромна сцена за секој обичен поединец да живее одличен и значаен живот.
Студирав на Кинескиот универзитет за надворешни работи, каде што ја започнав мојата доживотна дипломатска кариера. Во текот на изминатите три децении, голем дел од мојата кариера е поврзан со дипломатски превод, печат, комуникација и јавна дипломатија. Исто така, бев распоредена во кинески дипломатски мисии во Евроазија, Европа и Јужна Америка. Сведок бев на приближувањето на Кина кон центарот на светската сцена особено под силното водство на претседателот Си Џинпинг, на порастот на меѓународното влијание и меката моќ на Кина и на невидениот напредок во родовата еднаквост, при што жените во Кина заземаат сè позначајна улога.
Мојот пат не е единствен. Се повеќе кинески дипломатки се присутни низ целиот свет, заштитувајќи ги интересите на Кина и правејќи ја да биде слушната и видена. Само во Европа, покрај мене, жени се и кинеските амбасадори во Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Австрија и Норвешка. Меѓу моите млади колешки во Кинеската амбасада во Северна Македонија, половина се жени.
690 милиони жени истовремено влегоа во умерено просперитетно општество; стапката на смртност кај мајките се намали за речиси 80% во споредба со 1995 година; жените сочинуваат над 40% од вкупното вработено население; и жените сочинуваат повеќе од половина од претприемачите во интернет секторот… Достигнувањата на Кина во областа на правата на жените не се одразуваат само во низа нумерички индикатори, туку и во активното присуство на жените во сите сфери на животот. Во денешна Кина, секоја жена има можност да блесне и да ги оствари своите соништа.
Судбината на жените ширум светот е испреплетена, а каузата на жената во Кина е неразделно поврзана со развојот на глобалната женска кауза. Развојот на жените е глобален предизвик што бара заеднички напори на меѓународната заедница. Пред триесет години, Четвртата светска конференција за жени во Пекинг ја усвои Пекиншката декларација и платформа за акција, која стана документ – пресвртница што ја води глобалната женска кауза. Во текот на изминатите три децении, родовата еднаквост и јакнењето на жените еволуираа од морална потрага во меѓународен консензус, цел за развој и практична акција. За време на Глобалниот самит на жените во Пекинг, претседателот Си Џинпинг во својот воведен говор ги изложи предлозите на Кина за јакнење на жените, најави серија на поголеми мерки во следните пет години како што се: издвојување на квота од 100 милиони американски долари во Фондот за глобален развој и соработка Југ-Југ на Кина за спроведување проекти за развојна соработка за жени и девојки во соработка со меѓународни организации; воведување на 1.000 „мали, но убави“ програми за егзистенција со кинеска помош наменети за жените и девојките како приоритетни корисници; поканување на 50.000 жени во Кина на програми за размена и обука; и воспоставување на Глобален центар за градење на капацитетите на жените. Овие иницијативи ќе создадат нови можности за соработка со сите земји низ целиот свет, вклучително и со Северна Македонија.
Северна Македонија, исто така, придава големо значење на родовата еднаквост и јакнењето на жените. Многу извонредни жени блеснаа силно во политиката, културата, науката и други области. Образувајќи ја жената се образува нацијата. Со нетрпение чекам да соработувам со пријатели од сите сфери, за подобра поддршка и јакнење на жените тука. Од лабораториите за развој на квантно пресметување до управните одбори на технолошките гиганти, од дипломатки до креаторки на политики, докажуваме дека интелектуалната моќ не познава пол. Искрено се надевам дека што повеќе жени ќе земат активно учество во глобалното управување и ќе придонесат кон градењето на заедница со заедничка иднина за човештвото.
Џијанг Сјаојан, амбасадорка на Народна Република Кина































