Манастирот посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во селото Рајчица, во рамките на Дебарско-кичевската епархија на Македонската Православна црква – Охридска архиепископија, доби исклучително значаен духовен дар – свети мошти на Свети Василиј Велики.
Манастирот се наоѓа во епархијата со која раководи новоизбраниот надлежен архијереј, Неговото Високопреосвештенство митрополит Георгиј, а пристигнувањето на моштите се смета за особено значаен настан и за епархијата и за целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Моштите на еден од најголемите Христови јерарси и столбови на Православната црква пристигнаа викендов во манастирот, каде што ќе имаат свој траен престој. Тие се дар од јеромонахот Стефан Симион од Православната црква на Романија, игумен на манастирот на Светиот пророк Илија во регионот Лацио, Италија.
Од манастирот информираат дека светите мошти потекнуваат од ризницата на реликвии на Католичката црква, каде што низ историјата биле пренесувани од Истокот. Нивната автентичност е потврдена со оригинални ватикански печати, втиснати под самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој се положени.
Пристигнувањето на моштите беше дочекано со голема духовна радост од монашкото братство и православните верници, но и од другите граѓани, кои овој настан го доживуваат како голем благослов за Црквата и за целиот регион.
Наедно, овој чин се оценува и како значајно духовно и црковно признание за Македонската православна црква – охридска архиепископија, во нејзините настојувања за целосно прифаќање и потврда на нејзината автокефалност од страна на целокупната христијанска јерархија.
Со трајниот престој на моштите во манастирот Рајчица, православните верници, но и сите граѓани, без разлика на верската припадност, ќе имаат можност со искрена верба во доброто, да побараат молитвено застапништво пред Свети Василиј Велики, еден од најзначајните светители, богослови и учители на Црквата од првите векови на христијанството. Н.М.
































