Западен Балкан и шенгенската логика на Брисел
- Сите овие проблеми, предизвици и искушенија јасно говорат за инертноста на кабастиот европски бирократски апарат, за немањето визија за иднината на ЕУ и за немањето осет да се антиципираат надоаѓачките трендови и промени, при што ЕУ-бирократите наместо да ги превенираат состојбите однапред, дозволуваат тие да ескалираат, за потоа да нудат некакви ад хок решенија. Слична криза ќе се случи и со примената на ЕТИАС, но и за ова Брисел очигледно отпосле ќе бара решенија наместо сега да пресече и да го одблокира движењето на луѓе и стоки на просторот што веќе е европски
Дури откако Европската Унија увиде дека и нејзините земји членки трпат огромни финансиски загуби од блокадата на границите на шенген-зоната од страна на возачите од регионот на Западен Балкан, реши да бара решение за проблемот што превозниците веќе година и половина им го предочуваа на европските бирократи.
Сега одеднаш надлежните во Брисел ќе бараат солуција како возачите од регионот да бидат изземени од новите правила за престој во земјите од шенген-зоната, иако можеа да го направат тоа во истиот момент кога најдоа решение за вработените во авионскиот и железничкиот сообраќај, како и за оние што работат во поморскиот сообраќај.
Сето ова јасно говори за инертноста на кабастиот европски бирократски апарат, кој наместо да ги превенира состојбите однапред, дозволува тие да ескалираат, за потоа да нуди некакви ад хок решенија. Слична криза ќе се случи и со примената на ЕТИАС, но и за ова ЕУ очигледно отпосле ќе бара решенија наместо сега да пресече и да го одблокира движењето на луѓе и стоки на просторот што веќе е европски.
Граѓаните предупредуваат дека ЕТИАС ќе создаде хаос на границите
Имено, сега ќе се нуди решение за професионалните возачи, но веќе за неколку месеци истите шенген-граници ќе бидат целосно блокирани поради напливот на туристи на сите страни. Процедурите за фотографирање на патниците на граничните премини, веројатно и пополнување формулари, не само што дополнително ќе ја намалат пропустливоста на границите туку ќе доведат до целосен колапс.
– Секое лето одам на одмор во Истра, а не паметам кога во летната сезона не сум чекал помалку од шест часа на Бајаково за да влезам во Хрватска. Постојано им паѓа системот, колоните се и над 20 километри, а замислете го сето тоа на оние летни горештини, автомобили со мали деца и слично. Сега со дополнително фотографирање, ви гарантирам дека границата нема да функционира, односно ќе дојде до целосна блокада – вели Марко Јеремиќ, српски државјанин.
Дел од граѓаните раскажуваат дека ниту нивните обиди порано да ја завршат обврската за фотографирање на шенген-границите не дала плод.
– Неодамна поради лошото време ми беше одложен летот од Атина за Скопје, па веќе кога останував дополнителен ден, си реков да ја завршам обврската за да не морам летоска да губам време на граница за фотографирање и добивање дозвола за влез во шенген-зоната. Го замолив службеникот на аеродромот да се фотографирам и да платам колку што треба за да добијам дозвола за престој во Грција, тој само одмавна со раката и ми рече дека тоа уште не функционира. Ако сега не функционира, прашање е кога и како ќе профункционира, но јасно е дека јужната граница во екот на летната сезона тешко ќе се поминува. Дали и тогаш ЕУ ќе обвинува дека требало порано да си ја завршиме работата, а не треба да заборави и дека повеќето граѓани не се во состојба да одат специјално на еден ден во Грција и Бугарија за предвреме да ги завршат административните процедури на граница. И да бидам искрен, воопшто не ми јасен овој нов ЕТИАС кога сите ние од Западен Балкан имаме биометриски пасоши, згора на тоа сите наши земји се внатре во рамките на ЕУ, не сме надвор од шенген-просторот. Нека си ги проверуваат нивните надворешни граници, наместо да ги малтретираат граѓаните што веќе се внатре – раскажува Петар Стојчевски од Скопје.
Западен Балкан е внатре во ЕУ, не е надворешна граница
Токму затоа е важно да има заеднички институционален и секаков друг притисок врз ЕУ уште сега да изнајде решение за граѓаните од земјите на Западен Балкан, кои не доаѓаат преку надворешните граници на ЕУ, туку веќе се внатре како изолиран остров.
Европската Унија во последниве денови на сопствена кожа почувствува дека регулативите донесени без доволно чувство за реалноста на теренот лесно се претвораат во политички и логистички автоголови. Ограничувањето на престојот на професионалните возачи од Западен Балкан, мерка замислена како техничко усогласување со шенген-правилата, во пракса произведе блокирани гранични премини, нарушени синџири на снабдување и отворен револт кај оние што секојдневно ја движат европската економија, камионџиите.
Паралелно со тоа, ЕТИАС, кој треба да биде столб на „паметните граници“ на ЕУ, сè уште не функционира, а веќе се најавува како нова обврска за граѓаните на Западен Балкан. Токму тука се отвора клучното прашање: дали Брисел навистина го чита контекстот во кој ги применува сопствените политики?
Западен Балкан е географски, економски и инфраструктурно де факто внатре во Европската Унија. Регионoт е целосно опкружен со земји од шенген-зоната, поврзан со европските коридори и интегриран во секојдневното функционирање на заедничкиот пазар, од транспортот и трговијата, до енергетиката и услугите. Граѓаните од овие земји не влегуваат во ЕУ преку „класични“ надворешни граници, туку се движат низ простор што одамна функционира како внатрешна артерија на Унијата.
Во такви услови, воведувањето на ЕТИАС за Западен Балкан изгледа помалку како безбедносна мерка, а повеќе како симболичка бариера. Наместо да ја зголеми контролата, таа создава чувство на дополнителна дистанца и недоверба кон регион што официјално е прогласен за „стратешки партнер“, а неофицијално често се третира како периферија.
Протестите на возачите и нефункционалноста на ЕТИАС се аларм дека сегашниот пристап не дава резултати. Ова е момент кога ЕУ треба да направи пауза и да се запраша: дали механичкото проширување на шенгенските правила кон Западен Балкан навистина ја зајакнува Унијата или, напротив, ги продлабочува фрустрациите и ги блокира сопствените економски текови?
Ако Брисел навистина сака стабилен, предвидлив и интегриран Западен Балкан, тогаш преиспитувањето на ЕТИАС-обврската за регионот не би било слабост, туку знак на политичка зрелост. Политиките што не ги препознаваат географијата и реалниот живот на луѓето на теренот ретко кога успеваат. А ЕУ, особено во ова чувствително време, нема луксуз да си дозволи уште еден систем што создава повеќе проблеми отколку решенија.































