Фото: „Нова Македонија“

Третиот оператор наскоро со свои понуди

  • За познавачите на состојбите, реалните ефекти од воведувањето на новиот оператор ќе зависат од брзината на спроведувањето и од неговата способност да се наметне на пазарот. Регулаторната улога на државата ќе биде клучна за тоа како ќе заживее конкуренцијата, според легално утврдените принципи и стандарди, а се разбира, во функција и бенефиции за корисниците и граѓаните

Ќе добијат ли македонските граѓани уште поквалитетни услуги во делот од телекомуникациите? Имено, со дефинитивниот избор на третиот мобилен оператор, Владата најавува крај на дуополот на нашиот телекомуникациски пазар. Најавите на надлежните, но и очекувањата на граѓаните се дека ова ќе води кон зголемен квалитет, а и пониски цени во телефонијата, но и поголем избор и подобар квалитет на услугите за корисниците. Одлуката доаѓа по повеќемесечен процес, кој беше одложен поради изборниот циклус.
Сепак, за познавачите на состојбите, реалните ефекти од воведувањето на новиот оператор ќе зависат од брзината на спроведувањето и од неговата способност да се наметне на пазарот. Регулаторната улога на државата ќе биде клучна за тоа на кој начин навистина ќе заживее конкуренцијата.
Со изборот на трет мобилен оператор на македонскиот телекомуникациски пазар, Владата очекува зголемување на конкуренцијата, пониски цени и подобар квалитет на услугите за граѓаните. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оценува дека ова е еден од најзначајните чекори во секторот на електронските комуникации во последната деценија. Според него, со влезот на нов оператор, ќе се наруши долгогодишниот дуопол меѓу двата постојни мобилни оператори, што, според него, директно ќе влијае врз намалување на цените и врз подобрување на понудата.
– Најважно е што, конечно, се руши дуополот. Ова е нешто што го ветивме веднаш по изборот на Владата. Меморандумот за разбирање со „Фор-ај-џи“ го потпишавме уште во октомври, а процесот можеше да заврши и порано, но поради локалните избори, беше одложен. Сега сме во финална фаза – донесена е одлука и во рок од 10 дена операторот треба да го уплати надоместокот кон државата и да започне со работа – објасни Николоски.

Лиценцата носи и обврски

Агенцијата за електронски комуникации донесе одлука со која „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската компанија „Фор-ај-џи“, беше избрана за најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во земјава. Домашниот мобилен пазар со години функционира како дуопол, во кој два оператора ја делат најголемата база на корисници, со релативно слични ценовници и ограничен простор за конкуренција. Ваквата структура, според економските анализи, често резултира со повисоки цени и со побавно воведување иновативни услуги.
Од АЕК при изборот на новиот оператор посочија дека компанијата има рок од 10 дена да уплати еднократен надомест за трите фреквенциски опсези, кои се доделуваа со тендерот, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за одобрението А1 е 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 е 1,5 милион евра, а за одобрението C1 – 2,32 милиона евра.
По уплатата, ќе може да се издаде одобрението, а компанијата може да почне со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постојните оператори до изградба на своја инфраструктура.
– Првиот критериум што ќе треба да го исполни новиот оператор е до крајот на март 2027 година еден град да покрие со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 мегабајти/секунда – укажуваат од АЕК.

Првото одобрение им трае до 2037 година

Според надлежните, ќе мора да почнат со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на почнувањето на важноста на одобрението. Во областите во кои има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради, ќе мора да се консултира и со другите оператори за заедничко инвестирање. Исто така, операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
– Според условите на тендерот, почетокот на сервисот е до крајот на 2026 година, така што по носењето на официјалната одлука од страна на АЕК, ќе почнеме со официјален процес на воспоставување нова мобилна мрежа во Македонија. Најдоцна до крајот на 2026 година, мора да почнеме операција во најмалку еден град во Македонија, може да биде и порано, но тоа е краен рок што го користиме како ориентација за нашите плански активности – изјави Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, на 22 август минатата година по отворањето на понудите на тендерот, на кој беа единствен понудувач.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и Ц1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението Б1 – осум години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога групацијата „Фор-ај-џи“, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата.

Двата мобилни оператора делат најголем дел од колачот

На македонскиот пазар моментно работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп.
Заклучно со третиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2.105.467. Резиденцијални припејд-претплатници се 833.089, резиденцијални постпејд 1.024.072, а деловни постпејд 248.306.
Според податоците на АЕК за третиот квартал лани, „А1 Македонија“ има 47,41 проценти удел во вкупниот број претплатници, „Македонски телеком“ – 46,68 проценти, „Мтел“ – 4,55 проценти, „Телекабел“ – 1,27 процент, а „Греен мобиле“ – 0,10 проценти. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во третиот квартал од 2025 година, „Македонски телеком“ има удел од 49,49 проценти, „А1 Македонија“ – 48,58 проценти, „Мтел“ – 0,93 проценти, „Телекабел“ – 0,79 проценти, а „Греен мобиле“ – 0,11 проценти. Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2Г/3Г/4Г) во третиот квартал имале 1.781.697 претплатници.
Според упатените во проблематиката, влезот на трет мобилен оператор има потенцијал да донесе промени на пазарот.
– Вообичаено новите компании за да успеат да приграбат поголем дел од пазарот, на некој начин може да се каже дека се принудени да понудат поатрактивни пакети, пониски цени или, пак, да настапат со пофлексибилни услови. Но ова би можело да поттикне реакции и кај постојните оператори, кои ќе бидат принудени да одговорат со подобрување на услугите, инвестиции во мрежната инфраструктура и со поповолни понуди – велат упатените.
Сепак, ефектите нема да бидат моментални, затоа што успехот на третиот оператор ќе зависи од брзината на изградба на мрежата, квалитетот на покриеноста и од реалната способност да се натпреварува со веќе етаблираните компании. Е.Р.