Расте бројот на брачни двојки што не можат да добијат поколение, а причина за тоа е сѐ поголемиот машки стерилитет, велат експертите. Бројката на стерилни мажи веќе е изедначена со бројката на стерилни жени, што е податок што ги загрижува надлежните.
Доктор Зоран Петановски, шеф на Центарот за инвитро-фертилизација во првата приватна општа болница „Ремедика“, вели дека ако во минатите децении доминираше женскиот стерилитет, во денешно време два типа стерилитет се посебно во пораст.
Тој истакна дека овие материи што го предизвикуваат оксидативниот стрес ја нарушуваат и фрагментираат и хроматинската структура во самите сперматозоиди, што силно ја намалува нивната оплодувачка моќ за природно забременување.
– Овој негативен импакт продолжува и со своето влијание и во асистираните техники, како вонтелесното оплодување. Нашата најнова студија каде што го следевме влијанието на пушењето врз резултатите од вонтелесното оплодување, а која е достапна на страниците на списанието на Европската асоцијација за хумана репродукција, покажа дека кај машкиот фактор што пуши, употребувајќи го методот на оплодување со еден сперматозоид, се премостува бавното движење на сперматозоидите и се постигнува одличен резултат во поглед на бременоста. Но кај истите двојки што пушат има повисока инциденца на рани абортуси. Тоа само зборува колкава штета прави пушењето врз оплодувачката моќ на сперматозоидите – заклучува доктор Петановски.
Како што вели тој, тоа особено се гледа во случаи каде што женскиот фактор е над 35 години, односно во постара репродуктивна возраст и јајце-клетката не е доволно квалитетна да го покрие недостигот од сперматозоидот.
– Да не звучам премногу апокалиптично, зборуваме за категорија каде што има одредени намалени фертилни капацитети, било кај едниот или другиот фактор. Тоа значи дека не сите пушачи ќе имаат вакви проблеми, но кај луѓето што имаат ваков проблем, пушењето уште повеќе ги намалува шансите за потомство. Би дал пример со карциномот на белите дробови и пушачкиот статус на пациентите. Не сите пушачи имаат карцином на белите дробови, но кај оние заболените, еден од најчестите ризик-фактори е пушењето. Тоа отвора едно ново поле што медицината, особено научната медицина, треба да го совлада, а тоа е генетската предиспозиција. Велат дека есенцијално е да се заштитат луѓето што утре можат да добијат карцином ако во семејството веќе има таков тип, но и превентивата во полето на стерилитетот би била едно перфектно решение – смета тој.
Петановски додава и дека кај двојка што имала стерилитет може да се процени дали нејзините машки деца ќе имаат ризик за намалена фертилна моќ или, пак, кај женските ризик за брзо пропаѓање на оваријалната резерва и појава на рана менопауза. Едноставно, уште во младоста ќе си криопрезервираат односно замрзнат гамети, сперматозоиди и јајце-клетки и потоа, кога ќе решат да имаат потомство, ќе се одмрзнат и употребат во процесот на вонтелесно оплодување.
– Впрочем, ние веќе работиме сличен проект, односно презервираме гамети предоперативно кај лица што треба да бидат подложени на операција или хемо и зрачна терапија кај канцери на кој било орган. Од друга страна, сега младите подоцна влегуваат во заедница и имаме и пациентки што си замрзнуваат свои клетки во младоста, кои ако е потребно, по неколку години ќе се одмрзнат и ќе си имаат потомство – вели доктор Петановски.
Тој исто така вели дека инфекциите даваат претежно анатомски стерилитет кај мажот, со појава на азооспермија, односно немање сперматозоид во ејакулатот.
– Затоа техниката на вадење сперматозоиди од тестисот е идеална за да се има потомство. Напредната техника што ние ја практикуваме за вадење сперматозоиди од тестисот под микроскоп, т.н. микротесе, донесе револуција во решавањето на машкиот стерилитет, односно каде што порано не можеше да се замисли маж со азооспермија да има деца, сега рутински се остварува желбата на двојката. Што се однесува до третманот на оксидативниот стрес, терапијата е примање витамини и минерали. Нема да навлегувам во тоа кои препарати се подобри, но и не треба земање маса на минерали и витамини, бидејќи и тоа доведува до нов инбаланс. Сега постојат балансирани препарати што даваат одлични резултати. На крајот, нашиот совет е барем од три до шест месеци пред да планирате семејство, хранете се медитерански, немојте да пушите и, секако, не мислете на тоа дека морате да имате принова, бидејќи новиот живот доаѓа како резултат на магијата на љубовта – заклучува Петановски.
До илјада спермограми годишно на Клиниката за гинекологија
Дека машкиот стерилитет е во пораст потврдуваат и од Клиниката за гинекологија и акушерство.
– Речиси две третини од испитувањата на сперма што се прават во лабораторијата на Клиниката за гинекологија покажуваат дека тие се под нормалните вредности.
– Резултатите од спермограмите направени од 2013 до 2015 година покажуваат дека 63 од испитаните случаи имаат некаков проблем, односно спермата е под нормалните вредности. Не можеме со сигурност да кажеме дека кај сите нив станува збор за неплодност, затоа што се прават неколку испитувања. Се испитуваат подвижноста на сперматозоидите, брзината со која се движат, нивниот број и квалитетот. Во зависност од наодот, на пациентите им се дава одредена терапија. Или ако станува збор за неплодност, се упатуваат да побараат сперма од донација за инвитро-оплодувањето – вели Драгана Буклица, портпаролка на Клиниката за гинекологија.
Од клиниката велат дека во нивната лабораторија годишно се прават од 900 до илјада спермограми, обично кај мажи што планираат инвитро-оплодување со својата партнерка.