Основниот кривичен суд Скопје информира дека главната расправа за предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, закажана за утре, се одлага по барање на бранителката на еден од обвинетите, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.
Барањето, како што информираат од Кривичниот суд, е од причина што во текот на вчерашниот ден бранителката е избрана за членка на Судскиот совет, па поради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26 јануари годинава.
Сузана Јошевска-Анастасовска е бранителка на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, заедно со вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, вчера во Собранието беа избрани за членки на Судскиот совет по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се наоѓа во доказна постапка и требаше да продолжи со сослушување на сведоци законски застапници на оштетените.
Сите 35 обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
На почетокот на процрсот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.































