Фото: Храм „Св. Петка“-Прилеп

Голем интерес за конкурсот за литературни и ликовни творби инспирирани од Божиќ во организација на храмот „Света Петка“ од Прилеп

Храмот „Света Петка“ од Прилеп по третпат го реализира Божиќниот конкурс за избор на најдобри литературни и ликовни творби. На конкурсот се пријавија голем број учесници од Прилеп, а авторите на најдобрите творби беа наградени.
Отецот Љупче Петрески смета дека оваа активност е добар начин уметноста, верата и вистинските вредности да се доближат до срцата на младите.
– Детските творби ни покажаа дека Божиќ не е само датум туку лична, семејна и топла приказна. Годинашниот Божиќен конкурс, кој го организираме по третпат, ни донесе околу 400 литературни и ликовни дела – бројка што нè радува, но и нè обврзува. Таа ни кажува дека децата имаат што да кажат, дека имаат фантазија, срце и инспирација, само некој треба да им даде простор – вели отец Љупче Петрески.
Наградите на најдобрите им беа врачени токму на Бадник, во празнична атмосфера во просториите на храмот.

Ка.М.


Првонаградена песна во категоријата од 6 до 9 одделение

Божиќна песна

Во тивка ноќ под небо сјајно,
ѕвездите светат нежно тајно,
се раѓа мир во секој дом,
Божиќ доаѓа со благослов.

Ѕвончиња ѕвонат со нежен тон,
срца топлат, гради полнат,
се шири љубов, вера, силен глас,
во сечија душа, мир и спас.

Елка украсена во ѕвезден плам,
детска насмевка искрена
и ведра,
свеќи што горат магично,
сѐ е волшебно, празнично.

Се собира семејство
крај трпеза полна,
со надеж, молитва
и мисла чиста,
храна се дели, мир се сее,
Божја љубов срцата ги грее.

Овој празник нека донесе
свет без тага, страв и војни,
да владее добро, да нема зло,
да нема веќе гладни и болни.
Кога ќе мине ноќта тивка,
нека остане светла искра,
Божиќен мир низ цела година,
многу љубов, здравје и хармонија.

Авторка: Илина Данилова
ООУ „Кочо Рацин“-Прилеп
Ментор: Наташа Кулевска