Предновогодишна дружба со основците од ООУ „Браќа Миладиновци“ во Скопје
Последното издание на „Колибри“ за 2025 година излезе на 30 декември, токму пред денот кога ја дочекуваме Нова година.Тоа беше доволен повод да направиме предновогодишна дружба со учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ од скопската населба Аеродром.
Идејата со радост ја прифати директорката Анета Велкоска, а наше беше да бидеме добри гости.
На настанот, насловен „Торба полна стихови“, гостуваа писателите Перо Миленкоски и Васил Мукаетов, новинарката Марија Таушанска Анастасовска и поетот Филип Димкоски.
Со пригодни песнички за празниците, но и за други теми, прв пред учениците од второ, четврто и петто одделение настапи поетот Перо Миленкоски, долгогодишен уредник на „Колибри“, вграден во македонската литература за деца со препознатлив поетски ракопис.
Потоа, на свој начин, секогаш интересен за дечињата, со песни, со досетки и со неизбежните гатанки настапи писателот Васил Мукаетов, кој ја претстави и својата најнова книга „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“.
Новинарката Марија Таушанска Анастасовска на дечињата им раскажа и за „Колибри“, но и за тоа како „се заразила“ соработувајќи со многу писатели за деца низ дведеценискиот уреднички стаж на „Колибри“, па и самата почнала да пишува. Таа на дечињата им ја прочита нејзината песна „Очите на Ана“.
Настанот го заокружи поетот Филип Димкоски, сегашен уредник на „Колибри“, кој заедно со децата ја изрецитира својата песна „Треба да пораснат“, а потоа претстави и неколку нови песни со новогодишни мотиви.
Интересно е да се спомне дека на овој настан беа присутни тројцата уредници на „Колибри“, Перо Миленкоски, Марија Таушанска Анастасовска и Филип Димкоски, како показател на континуитет од 67 години. Васил Мукаетов, пак, иако не бил уредник, има значајно место во оваа екипа, затоа што негова песна се наоѓа во првиот број на „Колибри“ објавен во 1958 година.
Редакцијата на „Нова Македонија“ на сите ученици и на одговорните наставнички Евгенија Главинова и Снежана Т. Стојчески им подари примероци од најновото издание на „Нова Македонија“ со „Колибри“, а за крај следуваше неизбежното фотографирање во прекрасно украсениот простор на училиштето.
– Големо благодариме за вашата посета, за убавиот настан и за подароците. Децата беа пресреќни, а и ние исто така – рече наставничката Евгенија Главинова.
Учениците, кои внимателно слушаа и со разни досетки и идеи се вклучуваа во излагањето на авторите, ветија дека и за време на зимскиот распуст, но и во второто полугодие, редовно ќе го читаат „Колибри“ и ќе бидат присутни на неговите страници.
Ф.Д.



































