РАКОМЕТ
- Во првиот контролен меч пред ЕП 2026, репрезентацијата на Македонија во Пореч загуби од Хрватска со 23-26
Машката ракометна репрезентација на Македонија го загуби првиот подготвителен пријателски меч во Пореч, пред околу 3.500 гледачи, од домашната селекција на Хрватска со 23-26. Хрватска е актуелен светски вицепрвак, кој на овој дуел настапи во подмладен состав. Во македонскиот табор не играа Дамјан Митев и Марко Стојковиќ. Црвено-жолтите имаа шанси да го избегнат поразот, оти во финишот на средбата беше 24-23 за домаќинот.
Во составот на Македонија најефикасен беше Филип Кузмановски со седум гола, по три реализираа Мартин Серафимов и Иван Џонов, а голманот Никола Митревски имаше 13 одбрани. Кај Хрватите, на чело со исландскиот селектор Дагур Сигурдсон, се истакнаа Леон Љевар со шест гола и голманот Дино Славиќ со 14 одбрани.
– Промашивме пет пенали, три во почетокот, а така не може да се направи ништо. Имаме многу проблеми, но се обидовме некои работи да ги направиме на најдобар начин, да пробаме со некои нови сили. Ни недостигаше, на пример, Лазаревски. Продолжуваме тука до 30 декември, потоа одиме во Швајцарија на турнир, а потоа на Европското првенство. Нема да биде лесно, очекувањата секогаш се големи, ќе беа уште поголеми ако сега победевме, но ќе се бориме – рече селекторот Кирил Лазаров за хрватскиот весник „Спортске новости“.
Македонија во рамките на подготовките за настап на ЕП 2026 (почнува на 15 јануари) во Данска, Норвешка и во Шведска ја очекува учество на турнир во Винтертур, Швајцарија (од 8 до 10 јануари), каде што ќе одигра пријателски дуели со Бахреин, Украина и со домаќинот. Од таму се заминува на континенталниот шампионат, во Данска, каде што Македонија ќе ја игра првата фаза од турнирот (во група со Данска, Португалија и со Романија).
Претстојното Европско првенство во ракомет ќе биде 17. по ред, а за Македонија тоа ќе биде деветто учество, осмо во низа. Црвено-жолтите го остварија најдобриот пласман на ЕП во Србија, во 2012 година, кога го освоија петтото место. Г.И.
ПОДГОТОВКИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА НАСТАП НА ЕП 2026
Тест-меч во Пореч
Хрватска – Македонија 26-23
Турнир во Винтертур
Македонија – Бахреин 8 јануари
Украина – Македонија 9 јануари
Швајцарија – Македонија 10 јануари
ЕП 2026, група Б
Данска – Македонија 16 јануари
Македонија – Португалија 18 јануари
Македонија – Романија 20 јануари
































